Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена“, и со нозете свои „Направете си прави патеки“, та, она што е куцо, да не се повреди, туку поскоро да се исцели.
Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат, да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина; да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестив како Исав, кој за една манџа се откажа од своето право на првородство. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен, бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата, и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.“ И толку страшна беше глетката, што и Мојсеј рече: „Треперам од страв!“