Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Авакум 3:1-15

Авакум 3:1-15 MK2006

Молитвата на пророкот Авакум – за пеење. Господи, чув за славата Твоја и се восхитувам на делото Твое. Повтори го во нашето време! Разгласи го во нашите дни! Во гневот Свој сети се на милост. Бог дојде од Теман и Светецот од гората Фаран. Величието Негово ги пок­ри небесата, и славата Негова ја ис­полни земјата. Болскотот Му е како сончева свет­лина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила. Пред лицето Негово врви чума, а по стапките Негови – грозница! Тој стана и земјата се затресе; погледа – и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа; но патиштата Негови се вечни. Натажени ги видов шаторите етиопски; се стресоа колибите на земјата мидјанска. Зар против реките, Господи, пламнал гневот Твој? Зар против реките е Твоето негодување, или, пак, против морето е јароста Твоја – па си седнал на коњите Свои, на победничките бојни коли? Ти го извади лакот Свој и со отровни стрели го затегна. Со реки ја сечеш земјата. Кога Те видоа, планините затрепе­рија, водите навалија; бездната го пушти гласот свој и сонцето ги крена рацете свои. Месечината застана на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјајните копја Твои. Во гнев одиш по земјата и во јарост ги газиш народите. Ти излегуваш за спасение на народот Твој, за спасение на помазаникот Свој. Ти ја поразуваш главата на нечес­тивиот дом, оголувајќи го од темелите до врвот. Со копјата нивни Ти го прободе водачот нивни, кога како виор се спуш­тија да ме разбијат, радосни, зашто мислеа дека скришум ќе го проголтаат сиромавиот. Газиш по морето со коњите Свои, преку длабините на големите води.