Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Авакум 1:1-17

Авакум 1:1-17 MK2006

Пророчко видение што го имаше пророкот Авакум. До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш? Зошто ми дозволуваш да гледам злосторства, и да гледам неволји? Гра­бежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор. Поради тоа законот ја изгуби силата, а правдата е згазена: нечестивиот го победува праведниот, и затоа правдата се искривува. Погледајте меѓу народите, видете – зачудете се! Зашто во ваше време Јас извршувам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале. Зашто Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат. Тој е страшен и ужасен; тој самиот е и суд и власт. Коњите негови се побрзи и од леопарди и пострашни од волци во рани зори; коњицата негова потскокнува; јавачи му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли, што се спуштаат врз пленот. Сите тие доаѓаат по грабеж; со лица вжештени, грабаат робови како песок! И со цареви се подигруваат, а кнезовите им служат за подбив; над секоја тврдина се смеат: засипуваат опсаден окоп и ја преземаат. Тогаш како ветер се свртуваат и си одат – престапници и виновници; нивната сила им е бог. Но, зар не си Ти од векот Господ Бог мој, Светецот мој? Ти, Кој не уми­раш! Ти, Господи, само за суд си го до­пуштил тоа. Карпо моја, за казна си го определил ова. На чистите очи Твои не е својстве­но да гледаат злосторства и Ти не мо­жеш да гледаш угнетување. Зошто гледаш злодејци и молчиш, кога нечес­тивиот проголтува човек што е по­праведен од него? Ги оставаш луѓето како риба в море и како лазачи, кои немаат господар? Непријателот со јадици ги лови, ги лови во мрежата своја, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели. Затоа на мрежата своја ѝ принесува жртва и на торбата ѝ кади со темјан, зашто тие му прибавуваат сладок залак и вкусна храна. Ќе продолжи ли тој да ја празни мрежата своја и постојано да ги убива народите безмилосно?

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност