Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 6:11-22

Создавање 6:11-22 MK2006

А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда. И погледна Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секое суш­тество беше се отклонило од својот пат на земјата. И му рече Бог на Ное: „Крајот на секое суштество дојде пред очите Мои, зашто земјата се исполни со нивните злодела; и, еве, Јас ќе ги истребам од земјата. Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер, и направи прегради во ков­чегот; потоа намачкај го со смола од­нат­ре и однадвор. А изгради го вака: должината на ковчегот да биде триста лакти, ширината негова педесет лакти, а во висина да е триесет лакти. Направи отвор на ковчегот, и засводи го на еден лакот одозгора; стави му и врата на ковчегот отстрана и нека има три ката во него: долен, среден и горен. Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да го истребам под небото секое суштество, во кое има животен дух; сѐ, што е на земјата, ќе изгине. Но со тебе Јас ќе направам Свој завет, а во ковчегот ќе влезеш ти, и со тебе и синовите твои, и жената твоја, и жените на синовите твои. И внеси во него исто така од сите животни, од секое суштество да има по две, за да останат со тебе во живот; од машки и од женски пол да бидат. Од птиците според родот нивни, и од добитокот според родот негов, и од сите влекачи според нивниот род – од сите по две ќе влезат при тебе, за да останат живи. И земи со себе секаква храна, со каква што се хранат, и чувај ја кај себе; тоа ќе биде храната за тебе и за нив!“ И направи Ное сѐ како што му заповеда Бог; така направи.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност