Но Јосиф им рече на браќата свои: „Дојдете поблизу до мене!“ И тие пристапија; а тој им рече: „Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет. А сега, пак, не жалостете се, ниту да жалите што ме продадовте ваму, бидејќи Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш. Зашто има веќе две години, откако настапи глад на земјата, а уште пет години остануваат, во кои ќе нема ни орање, ниту жетва. Затоа Бог ме прати пред вас, за да ве зачува на земјата, а и да ви го запази животот со големо избавување. И така, не ме пративте вие ваму, туку Бог, Кој ме постави како татко на фараонот и господар на целиот дом негов и кнез над целата египетска земја. Вратете се брзо кај таткото мој и кажете му: ‚Вака вели синот твој Јосиф – Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди кај мене, не одлагај. Ќе живееш во земјата Гесем, ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и ситниот и крупниот твој добиток, и сѐ што е твое. А јас ќе се грижам ваму за прехраната твоја, зашто глад ќе има уште пет години, та да не загинеш ти, и синовите твои, и сѐ, што е твое.‘ И ете, гледате со очите ваши, и братот мој Венијамин со свои очи гледа дека мојата уста ова ви го зборува. Раскажете му на таткото мој за сета моја слава во Египет и за сѐ што видовте, па поскоро доведете го ваму таткото мој.“