Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 45:1-28

Создавање 45:1-28 MK2006

Тогаш Јосиф, не можејќи повеќе да се воздржи пред оние што стоеја околу него, извика: „Отстранете ги сите од мене.“ И така никој не остана при Јосиф кога им се откри на браќата свои. Па заплака силно, така што чуја Егип­ќаните, а се чу и во домот на фа­раонот. И им рече Јосиф на браќата свои: „Јас сум Јосиф! Дали е уште жив татко ми?“ Но браќата не можеа да му одго­ворат, бидејќи се уплашија пред него. Но Јосиф им рече на браќата свои: „Дојдете поблизу до мене!“ И тие пристапија; а тој им рече: „Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет. А сега, пак, не жалостете се, ниту да жалите што ме продадовте ваму, би­дејќи Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш. Зашто има веќе две години, откако настапи глад на земјата, а уште пет години остануваат, во кои ќе нема ни орање, ниту жетва. Затоа Бог ме прати пред вас, за да ве зачува на земјата, а и да ви го запази животот со големо избавување. И така, не ме пративте вие ваму, ту­ку Бог, Кој ме постави како татко на фараонот и господар на целиот дом негов и кнез над целата египетска земја. Вратете се брзо кај таткото мој и кажете му: ‚Вака вели синот твој Јосиф – Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди кај мене, не одлагај. Ќе живееш во земјата Гесем, ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и ситниот и крупниот твој добиток, и сѐ што е твое. А јас ќе се грижам ваму за пре­храната твоја, зашто глад ќе има уште пет години, та да не загинеш ти, и синовите твои, и сѐ, што е твое.‘ И ете, гледате со очите ваши, и братот мој Венијамин со свои очи гледа дека мојата уста ова ви го зборува. Раскажете му на таткото мој за сета моја слава во Египет и за сѐ што видовте, па поскоро доведете го ваму таткото мој.“ Потоа го прегрна братот свој Вени­јамин и плачеше во прегратката негова. А и Венијамин плачеше за братот свој. И ги бакнуваше сите браќа свои и, прегрнувајќи ги, плачеше. Потоа него­вите браќа разговараа со него. Тогаш се слушна во домот на фараонот дека пристигнале браќата на Јосиф. И се зарадуваа фараонот и слугите негови. И му рече фараонот на Јосиф: „Кажи им на браќата твои – еве што ќе направите: ‚Натоварете го добитокот ваш, и вратете се во хананската земја. Па земете го таткото ваш и вашите семејства и дојдете кај мене, и ќе ви ја дадам најубавата земја што ја има во Египет, и така вие ќе живеете во изобилие во оваа земја.‘ А тебе, пак, ти заповедам да им кажеш – Вака направете: ‚Земете со себе од египетската земја коли за децата ваши и за жените ваши, и поведете го таткото ваш, и дојдете ваму. И немојте да жалите за покуќнината ваша, зашто сѐ што е најубаво во египетската земја, ќе биде ваше.‘“ И синовите Израелови така постапија. А Јосиф им даде коли, по наредба на фараонот; им даде и храна за по пат. И на сите им даде облека за преоблекување, а на Венијамин му даде триста сребреници и пет нови облеки. А и на татко си му испрати десет магариња, натоварени со најубави работи, што имаше во Египет, и десет магарици, натоварени со жито и храна на татко му за по пат. Тогаш ги испрати браќата свои, и тие тргнаа; а им порача: „Немојте да се карате по патот!“ И така тие излегоа од Египет, и стигнаа во земјата хананска кај Јаков, нивниот татко. И му раскажаа сѐ, велејќи: „Јосиф е жив, и тој е господар над целата еги­петска земја!“ А неговото срце се воз­немири, зашто не им веруваше. Но, кога му раскажаа за сѐ, што им беше рекол Јосиф, и кога ги виде ко­лите, што му ги беше испратил Јосиф, за да го земат, тогаш живна духот на Јаков, нивниот татко. И рече Израел: „Доволно е што уште е жив синот мој Јосиф; ќе појдам да го видам, пред да умрам.“