И Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито, а парите, кој колку што дал, да им ги вратат секому во вреќата, и да им дадат храна за по пат. И така беше направено. Па, откако го натоварија житото на своите магариња, си заминаа оттаму. А еден од нив, кога ноќеваа, ја отвори вреќата, за да го нахрани своето магаре, и ги виде парите свои одозгора во вреќата; и им рече на браќата свои: „Јас ги добив парите мои назад, еве ги во мојава вреќа.“ И затрепери срцето во нив. Се уплашија и си рекоа: „Зошто ни го направи Бог ова?“ И, откако дојдоа кај Јаков, таткото нивни, во земјата хананска, му раскажаа за сѐ, што им се случи, велејќи: „Остро зборуваше со нас човекот, кој заповеда во таа земја, и постапи со нас како со разузнавачи. А ние му рековме дека сме чесни луѓе, и дека никогаш не сме биле разузнавачи. Дванаесет браќа сме, синови на нашиот татко; едниот веќе го нема, а најмалиот е денес со таткото наш, во земјата хананска. Но човекот што заповеда во таа земја, ни рече: ‚Вака ќе дознаам дали сте чесни луѓе. Еден од браќата нека остане овде кај мене, а вие житото земете го и одете си кај вашите гладни семејства. А потоа доведете го кај мене вашиот најмал брат, за да се докаже дека не сте разузнавачи, туку чесни луѓе. Тогаш братот ваш ќе ви го пуштам, и ќе можете да тргувате во оваа земја.‘“ И празнејќи ги вреќите свои, за чудо, секој си го најде во вреќата своето ќесе со парите негови. Кога ги видоа ќесињата со парите нивни, тие и таткото нивни се уплашија. И им рече Јаков, нивниот татко: „Децата ми ги запустивте; Јосиф го нема, го нема и Симеон, па и Венијамин ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа!“ Тогаш проговори Рувим и му рече на таткото свој: „Двата мои сина убиј ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам.“ А тој рече: „Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб!“