Тогаш фараонот нареди, та го повикаа Јосиф, и брзо го изведоа од затворот, а тој се потстрижа и се преоблече, па излезе пред фараонот. А фараонот му рече на Јосиф: „Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам дека умееш да толкуваш соништа.“ Јосиф му одговори на фараонот и рече: „Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро.“ И му рече фараонот на Јосиф, велејќи: „Сонив, како стојам крај брегот на реката; и одеднаш – од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат во мочуриштето; и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, не сум видел толку грди во целата земја египетска. И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели. А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив. Па пак сонив, а тоа – седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави; а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар. И празните класја ги проголтаа седумте убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни.“ А Јосиф му рече на фараонот: „Сонот фараонов е еден: Господ му јавува на фараонот, што ќе направи. Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класја се пак седум години; обата сона се еден сон. Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години; и седумте класја празни и исушени од ветар се седум години глад. Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му кажува на фараонот што ќе прави. Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја египетска; а по нив ќе настапат седум гладни години; ќе се заборави сето она изобилство во земјата египетска, и глад ќе настапи во земјата. И нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие – поради гладот – што ќе дојде, зашто ќе биде многу голем. А тоа, што фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа.