Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 40:5-19

Создавање 40:5-19 MK2006

И обајцата сонија сон во иста ноќ, секој со особено значење, и винарот и пекарот на царот египетски, кои беа затворени во темницата. А утредента, кога дојде Јосиф кај нив, ги виде. Па ги запраша дворјаните фарао­нови, кои беа под стража заедно со него во куќата на господарот негов, и рече: „Што ви се денес лицата толку нажалени?“ А тие му одговорија: „Обајцата со­нивме сон, а нема кој да ни го протолкува.“ Јосиф им рече: „Зар толкувањето не е преку Бога? Раскажете ми ги!“ И главниот винар му го раскажа сонот свој на Јосиф, велејќи: „Јас сонував една лоза пред мене; на лозата имаше три прачки; и таа запупи и расцути, врза грозје, кое узреа; а во раката ми беше чашата фара­онова; зедов еден грозд, го истискав во фараоновата чаша и му ја дадов чашата на фараонот в рака.“ Јосиф му рече: „Еве го значењето: трите прачки се три дена. По три дена фараонот ќе те поми­лува и пак ќе те постави на по­ра­неш­ната служба; и одново ќе му ја подаваш чашата во раката негова како и порано, кога му беше винар. Но, кога ќе ти биде добро, сети се на мене и направи ми добро; спомни му на фараонот за мене и изведи ме од оваа тврдина; зашто ме украдоа од земјата евреј­ска; а и овде ништо лошо не сум напра­вил, за да бидам фрлен во затвор.“ А кога виде главниот пекар колку добро му го протолкува сонот, му рече на Јосиф: „И јас сонив: и тоа – на главата моја три кошници со пецива; во најгорната кошница имаше сѐ што јаде фараонот, што го прават пекарите; и птици колваа од кошницата над мојата глава.“ А Јосиф одговори и рече: „Еве го значењето: три кошници – тоа се три дена. По три дена фараонот ќе ти ја земе главата и ќе те обеси на дрво, а птиците ќе колваат од телото твое.“