Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 38:1-30

Создавање 38:1-30 MK2006

А во тоа време Јуда се оддели од браќата свои, и се насели во бли­зина на некој човек Адуламиец, по име Хира. Таму Јуда ја виде ќерката на некој Хананец, чие име беше Шуа, и ја зеде и легна со неа. Таа забремени, и роди син; и тој го нарече Ер. Одново зачна, и пак роди син, и нему му стави име Онан. И пак роди син, и го именува Шела. А Јуда беше во Кезив, кога таа го роди него. И Јуда го ожени првородениот син свој Ер со девојката по име Тамара. Но Ер, првенецот Јудин, беше лош пред Господ, и Господ го погуби. Тогаш Јуда му рече на Онан: „Влези кај вдовицата од братот твој, и ожени се со неа како девер, за да го запазиш потомството на братот твој.“ А Онан, знаејќи дека породот нема да биде негов, кога легнуваше со жената на братот свој, го излеваше семето наземи, за да не му даде потомство на братот свој. Но тоа што го правеше, беше зло пред очите на Бога, па затоа и него го погуби. Тогаш Јуда ѝ рече на својата снаа Тамара: „Живеј како вдовица во куќата на таткото твој додека порасне Шела, синот мој.“ Зашто, си велеше, да не умре и тој како браќата негови. И отиде Тамара, и живееше во куќата на својот татко. Измина многу време и умре ќерката на Шуа, жената на Јуда. А кога Јуда се утеши, појде во Тимна кај луѓето што му го стрижеа стадото, тој сам и неговиот пријател Хира, Адуламиецот. И ѝ јавија на Тамара: „Ете, свекорот твој оди во Тимна да го стриже стадото свое.“ А таа ја соблече од себе вдовичката облека, си стави превез, па седна пред портата на Енаим, што е на патот за Тимна. Таа виде дека Шела беше пораснал, а неа уште не му ја даваа за жена. Кога ја виде Јуда, помисли дека е блудница, зашто таа го беше покрила лицето свое. И тој отиде кај неа и ѝ рече: „Дозволи ми да легнам со тебе!“ Зашто не знаеше дека е неговата снаа. А таа рече: „Што ќе ми дадеш, за да легнеш со мене?“ А тој одговори: „Ќе ти испратам јаре од стадото.“ А таа му рече: „Ќе ми дадеш ли залог, додека не го испратиш?“ А тој рече: „Каков залог да ти дадам?“ А таа му одговори: „Својот прстен, појасот и стапот што ти е во раката.“ И тој ѝ ги даде, па легна со неа; и таа зачна од него. Потоа таа стана и си отиде; го симна превезот од себе и ја облече вдовичката облека. А Јуда испрати јаре по другарот свој, Адуламиецот, за да си го поврати залогот од жената, но тој не ја најде. Па ги праша луѓето од она место, велејќи: „Каде е блудницата што беше на распаќето во Енаим?“ А тие одго­ворија: „Овде немаше блудница.“ И тој се врати кај Јуда и рече: „Не ја најдов. Дури мештаните ми рекоа дека таму немало блудница.“ А Јуда рече: „Нека си ги задржи, само да не ми се смеат; јас ѝ го испратив и јарето, но ти не ја најде.“ А кога изминаа околу три месеци, му јавија на Јуда, велејќи: „Тамара, снаата твоја се оддала на блуд и, ете, бремена е од блуд.“ А Јуда рече: „Изведете ја за да се запали!“ А кога ја поведоа, таа прати на свекорот нејзин да му кажат: „Сум зачнала од човек, на кој му припаѓаат овие нешта!“ И рече: „Познај, чиј е прстенов, појасов и стапов!“ А Јуда ги препозна, па рече: „Таа е поправедна од мене, бидејќи не ја дадов на синот свој Шела.“ И повеќе не легна со неа. И кога дојде времето да роди, а тоа – близнаци во утробата нејзина. И кога се породуваше, едното дете ја покажа раката, а бабицата зеде и му врза црвен конец околу раката, велејќи: „Овој е првенец.“ Но тоа ја повлече раката, и ете излезе неговото братче, а таа рече – како ја проби обвивката? И му ставија име Фарес. А потоа излезе неговото братче со црвен конец на раката. Нему му ставија име Зерах.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност