Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 30:25-43

Создавање 30:25-43 MK2006

А кога Рахила го роди Јосиф, му рече Јаков на Лаван: „Пушти ме и ќе си одам во моето место и во својата земја. Дај ми ги жените мои, и децата мои, за кои ти служев, и да си одам; а ти знаеш како ти служев.“ Лаван му рече: „Немој, ако сум нашол милост пред тебе. Гледам дека Бог ме благослови поради тебе.“ И уште рече: „Барај плата, колку што сакаш, и јас ќе ти дадам.“ А Јаков му одговори: „Ти знаеш како ти служев и колку многу ти се зголеми добитокот со мене; бидејќи она што го имаше, беше малку додека не дојдов јас; но многу се намножи, бидејќи Господ те благослови кога дојдов јас. Па кога јас ќе работам за мојот дом?“ И тој му рече: „Што бараш да ти дадам?“ А Јаков одговори: „Не треба ништо да ми дадеш. Но направи онака како што ќе ти кажам, а јас, пак, ќе го пазам стадото твое и понатаму. Ќе го обиколам денес целото стадо твое и оддели секое дамчесто и шарено јагне и секоја црна овца помеѓу нив и секоја шарена и дамчеста коза – тоа ќе ми биде наградата! Така потоа ќе ми посведочи спра­ведливоста моја пред тебе кога ќе дој­деш да ја провериш наградата моја: ако се најде тогаш меѓу моите кози која не е дамчеста или шарена, и меѓу овците мои, која не е црна, значи крадена е.“ Лаван му рече: „Нека биде, како што рече!“ И ги оддели Лаван истиот ден јарците ригести и шарени и сите кози дамчести и шарени; секоја на која има­ше нешто бело и сите црни овци, па им ги предаде на синовите свои. И определи растојание од три дена одење меѓу себе и Јаков. А Јаков го пасеше другиот ситен добиток на Лаван. И зеде Јаков зелени прачки топо­лови, бадемови и јаворови, па изрежа Јаков пруги, откако ја извади кората до беликата, и ги стави така изрезаните прачки во коритата од поилата, каде што доа­ѓаше добитокот да пие, а бидејќи стоката зачнуваше, кога доаѓаше на вода, добитокот се пареше пред прачките, па се раѓаше ригеста и шарена стока. И Јаков ги одделуваше и овците, и им ги свртуваше главите кон шареното и сето црно стадо на Лавана; а своето стадо го одделуваше и не го мешаше со стадото Лаваново. И секогаш кога зачнуваше силниот добиток, Јаков ги ставаше прачките во поилата пред очите на добитокот, за да се пари гледајќи во прачките. А кога се пареше слабиот добиток, тогаш не ги ставаше. И остануваше слабиот за Лаван, а силниот, за Јаков. И така тој човек се збогати многу, премногу, та имаше многу добиток, слугинки и слуги, камили и магариња.