Тогаш се крена Јаков и отиде во земјата на синовите на исток. Одеднаш во полето забележа извор; и ете три стада овци лежеа околу него, бидејќи на тој извор се поеја стада. Но голем камен имаше над отворот од изворот. И кога се собираа таму сите стада, го иставаа каменот од отворот на изворот и ги напојуваа овците, а потоа пак го ставаа каменот над отворот од изворот на неговото место. Јаков им рече: „Од каде сте вие, браќа?“ Тие одговорија: „Од Харан сме.“ А тој им рече: „Го познавате ли Лаван, синот Нахоров?“ Тие рекоа: „Го познаваме.“ Тој пак ги праша: „Здрав ли е?“ Рекоа: „Здрав е, и еве Рахила, ќерката негова, иде со стадото.“ И тој рече: „Ете, уште е рано и не е време добитокот да се прибира. Напојте ги овците, па одете и пасете ги!“ А тие рекоа: „Не можеме, додека не се соберат сите стада, за да се истави каменот од отворот над изворот, па тогаш ќе ги напоиме овците.“ Додека тој уште зборуваше со нив, дојде Рахила со ситниот добиток од таткото нејзин, бидејќи таа нив ги пасеше. А кога ја виде Јаков Рахила, ќерката Лаванова и стадото на Лаван, братот на мајка си, пристапи Јаков и го истави каменот од отворот на изворот, и го напои стадото на Лаван, братот на својата мајка. И ја бакна Јаков Рахила, па извика и заплака. Потоа ѝ кажа на Рахила дека тој му е род на таткото нејзин и дека е син на Ревека. А таа отрча, па го извести таткото свој. А кога чу Лаван за Јаков, синот на неговата сестра, му излезе во пресрет, го прегрна и бакна, и го воведе во својот дом. А тој му раскажа на Лаван сѐ. Лаван, пак, му рече: „Ти си навистина моја коска и моја плот!“ И тој остана кај него цел месец.