Кога Исак остаре и му ослабе видот на очите, го повика постариот свој син Исав, и му рече: „Сине мој!“ А тој одговори: „Еве ме.“ Исак рече: „Еве остарев и не го знам денот на мојата смрт. Земи го сега оружјето свое, лакот и стрелите, и излези в поле, и улови ми дивеч! Па зготви ми јадење какво што сакам, и донеси ми да јадам, за да те благослови душата моја, пред да умрам.“ А Ревека чу што му рече Исак на синот свој Исав; и Исав отиде в поле да улови и донесе дивеч. Ревека, пак, му рече на синот свој Јаков, велејќи: „Ете, го чув татко ти, како му велеше на братот твој Исав: ‚Донеси ми дивеч и зготви ми јадење, да јадам, па да те благословам пред Господ, пред да умрам.‘ Туку сега, синко мој, послушај ме што ќе ти речам: Оди при стадото и донеси оттаму две добри (млади) јариња; и јас ќе зготвам за таткото твој јадење од нив, какво што сака; а ти ќе му однесеш на татко си, и тој ќе јаде, па ќе те благослови дури е уште жив.“ А Јаков ѝ рече на Ревека, мајката своја: „Но Исав, братот мој, е рунтав, а јас сум човек гладок. Може татко ми да ме допре, па пред очите негови ќе станам измамник, и место благослов ќе навлечам врз себе проклетство.“ А мајка му одговори: „Проклетството твое, синко, нека падне на мене; само послушај ме, и оди, па донеси ми!“ Тогаш тој отиде, зеде и ѝ донесе на мајка си; а мајка му зготви јадење, какво што сакаше татко му. Па потоа ја зеде Ревека најубавата облека на постариот син Исав, што беше кај неа дома, и го облече Јаков, помладиот нејзин син, а рацете негови и голиот врат му го обложи со јарешки кожички. И му го даде на Јаков, синот свој, в раце јадењето и лебот, што го беше зготвила. А тој влезе при татко си и му рече: „Татко!“ А тој одговори: „Еве ме! Кој си ти, синко?“ Јаков, пак, му рече на татко си: „Јас сум Исав, твојот првороден син; направив, како што ми рече; стани, седни и јади од ловот мој, па да ме благослови душата твоја.“ А Исак му рече на синот свој: „Кога толку бргу најде, синко мој?“ А тој одговори: „Господ, твојот Бог, ми донесе среќа.“ Тогаш му рече Исак на Јаков: „Дојди поблизу, синко мој, да те допрам и да видам дали си ти, синот мој Исав, или не!“ И пристапи Јаков до Исак, таткото свој, а тој го допре, па рече: „Гласот е глас на Јаков, но рацете се раце Исавови.“ И не го позна, зашто рацете му беа како рацете на Исав, братот негов, рунтави. И го благослови. И му рече: „Ти ли си синот мој Исав?“ А тој одговори: „Јас сум.“ Тогаш рече: „Дај ми сега, синко, да јадам од ловот твој, па да те благослови душата моја.“ И му даде и тој јадеше; па му донесе и вино, и пиеше. Потоа Исак, таткото негов, му рече: „Приближи се до мене и целивај ме, синко!“ И тој пристапи и го целива; Исак го почувствува мирисот од облеката негова, и го благослови, велејќи: „Еве, мирисот на синот мој е како мирис од полето, што го благословил Господ. Бог нека ти даде роса небеска и родна земја: многу жито и вино во изобилие! Народи да ти слугуваат и племиња да ти се поклонуваат! Да бидеш господар над братот свој и да ти се поклонуваат синовите на мајка ти! Проклет да биде оној, што тебе те проколнува, а благословен – оној што тебе ќе те благословува!“ Па откако Исак го благослови Јаков, и Јаков отиде од Исак, таткото свој; во тој час дојде од лов Исав, братот негов. И тој му зготви јадење и му однесе на татко си, и му рече: „Стани, татко, и јади од она што синот твој улови, за да ме благослови душата твоја!“ И Исак, таткото негов, му рече: „Кој си ти?“ А тој рече: „Јас сум синот твој, првородениот Исав.“ Тогаш Исак многу се возбуди и рече: „А кој беше оној, кој уловил лов и ми донесе од сѐ, и јас јадев, пред да дојдеш ти, и го благословив? Тој и ќе остане благословен.“ А кога ги чу Исав зборовите на таткото негов, извика на сиот глас и многу се нажали, па му рече на татко си: „Благослови ме и мене, татко!“ А тој му одговори: „Дојде братот твој со итрина, и го зеде твојот благослов.“ (Исав), пак, рече: „Сигурно затоа му е името Јаков, еве веќе двапати ме истисна. Првородството ми го зеде, а сега и благословот ми го зеде.“ Потоа рече: „Не остави ли благослов и за мене?“