Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 27:1-17

Создавање 27:1-17 MK2006

Кога Исак остаре и му ослабе видот на очите, го повика постариот свој син Исав, и му рече: „Сине мој!“ А тој одговори: „Еве ме.“ Исак рече: „Еве остарев и не го знам денот на мојата смрт. Земи го сега оружјето свое, лакот и стрелите, и излези в поле, и улови ми дивеч! Па зготви ми јадење какво што сакам, и донеси ми да јадам, за да те благослови душата моја, пред да умрам.“ А Ревека чу што му рече Исак на синот свој Исав; и Исав отиде в поле да улови и донесе дивеч. Ревека, пак, му рече на синот свој Јаков, велејќи: „Ете, го чув татко ти, како му велеше на братот твој Исав: ‚Донеси ми дивеч и зготви ми јадење, да јадам, па да те благословам пред Господ, пред да умрам.‘ Туку сега, синко мој, послушај ме што ќе ти речам: Оди при стадото и донеси оттаму две добри (млади) јариња; и јас ќе зготвам за таткото твој јадење од нив, какво што сака; а ти ќе му однесеш на татко си, и тој ќе јаде, па ќе те благослови дури е уште жив.“ А Јаков ѝ рече на Ревека, мајката своја: „Но Исав, братот мој, е рунтав, а јас сум човек гладок. Може татко ми да ме допре, па пред очите негови ќе станам измамник, и место благослов ќе навлечам врз себе проклетство.“ А мајка му одговори: „Про­клет­ството твое, синко, нека падне на мене; само послушај ме, и оди, па донеси ми!“ Тогаш тој отиде, зеде и ѝ донесе на мајка си; а мајка му зготви јадење, какво што сакаше татко му. Па потоа ја зеде Ревека најубавата облека на постариот син Исав, што беше кај неа дома, и го облече Јаков, помладиот нејзин син, а рацете негови и голиот врат му го обложи со јарешки кожички. И му го даде на Јаков, синот свој, в раце јадењето и лебот, што го беше зготвила.