Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 24:1-50

Создавање 24:1-50 MK2006

А Авраам беше веќе стар и во години. Господ го беше благо­словил во сѐ. И му рече Авраам на слугата свој, на најстариот во домот негов, кој упра­вуваше со целиот негов имот: „Ста­ви ја раката своја под бедрото мое и заколни ми се во Господ Бог на небото и Бог на земјата дека нема да земеш жена за синот мој од ќерките ханански, меѓу кои живеам, туку ќе отидеш во земјата моја, каде што се родив, и ќе му доведеш жена на синот мој Исак оттаму.“ А слугата му рече: „Можно е девојката да не сака да појде со мене во оваа земја; да го одведам ли синот твој во земјата, од која си се иселил?“ А Авраам му рече: „Гледај да не го одведеш синот мој таму. Господ, Бог на небесата, Кој ме зеде од домот на таткото мој и од земјата, каде што сум роден, и Кој ми рече и ми се заколна, велејќи: ‚на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја‘, Тој ќе испрати ангел свој пред тебе, и ти ќе доведеш жена за синот мој оттаму. Ако, пак, девојката не сака да појде со тебе, тогаш нека ти е простена клетвата моја; само синот мој не враќај го таму!“ И ја стави слугата раката своја под бедрото на Авраам, господарот негов, и му се заколна во тоа. Потоа слугата зеде десет камили од камилите на господарот свој и тргна; со себе зеде и од драгоценостите на господарот свој. Тогаш стана и отиде во Месопотамија, во градот Нахоров. И ги остави камилите надвор од градот, покрај изворот, приквечер кога жените излегуваат да полнат вода. И рече: „Господи, Боже на господарот мој Авраам, испрати ми ја денес во пресрет онаа, која ја барам, и направи му милост на господарот мој Авраам. Еве, јас ќе стојам крај овој извор, и ќерките на градските жители ќе дојдат да налеат вода. И на која девојка ќе ѝ речам – ‚Наведни ја стомната своја да пијам‘ – а која ќе рече – ‚На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам‘, неа си ја определил за слугата Твој Исак; и по тоа ќе разберам дека му правиш милост на господарот мој.“ И додека тој уште зборуваше во себе, а ете Ревека, ќерката на Ветуил, синот на Милка, жената на Нахор, чиј брат е Авраам, дојде со стомната на рамо. А беше многу убава девојка, која маж уште не ја беше познал. Таа слезе при изворот, ја наполни стомната, па појде угоре. Тогаш слугата излезе пред неа и рече: „Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја!“ А таа одговори: „Еве, пиј, господаре.“ И брзо ја спушти стомната на раката своја, и му даде да пие, чекајќи додека не се напие. А кога се напои, му рече: „И на камилите твои ќе им налевам додека не се напијат.“ И веднаш ја истури стомната своја во поилото, и пак отрча до изворот да ја наполни, и им налеа на сите камили негови. А човекот ја гледаше со восхит и молкум, сакајќи да узнае дали го бла­гословил Господ патот негов или не. А откако камилите се напоија, човекот извади златна обетка, тешка една бека, и две гривни за нејзините раце, од десет шекели злато. И рече: „Чија ќерка си? Кажи ми: има ли во куќата на таткото твој место за преноќевање?“ А таа му одговори: „Јас сум ќерка на Ветуил, синот на Милка, која му го роди на Нахор.“ И уште му рече: „Има кај нас многу слама и крма; а и место за ноќевање.“ Тогаш човекот се наведна и Му се поклони на Господ, па рече: „Нека е благословен Господ Бог на господарот мој Авраам, Кој не го остави господарот мој без Своја милост и Својата верност. Господ ме доведе по прав пат во домот на братот од господарот мој.“ Девојката, пак, отрча дома и сето ова го кажа на својата мајка. А Ревека имаше брат, по име Лаван. Лаван побрза кон човекот крај изворот. Откако ги виде обетката и гривните на рацете од сестрата своја и чу кога сестра му Ревека рече – вака ми зборуваше човекот – тогаш појде кај човекот; а тој стоеше со камилите кај изворот. И рече: „Дојди ти, кој си благословен од Господ; зошто да стоиш надвор? Јас ја приготвив куќата; а има место и за камилите.“ Тогаш човекот дојде во куќата; и ги растовари камилите; и им дадоа слама и крма на камилите, а му донесоа и вода за нозете негови и за луѓето, кои беа со него, за да ги измијат. И им поставија храна да јадат. Но тој рече: „Нема да јадам додека не кажам за што сум дојден.“ И му рекоа: „Зборувај!“ Тогаш рече: „Јас сум слуга Авра­амов. Господ го благослови господарот мој многу, та стана богат; и му даде овци и говеда, сребро и злато, и слуги и слугинки, и камили и магариња. А Сара, жената на господарот мој, во старост му роди син на господарот мој, и тој му го даде целиот свој имот. Мене, пак, ме заколна господарот мој, велејќи: ‚Немој да му доведеш на синот мој жена од ќерките на Ханан­ците, во чија земја живеам; туку појди во домот на таткото мој, кај роднините мои, и оттаму земи жена за синот мој.‘ А јас му реков на господарот мој: ‚Можеби девојката не ќе сака да појде со мене!?‘ А тој ми рече: ‚Господ, во чие присуство ќе одиш, ќе испрати ангел Свој со тебе, и ќе ти го покаже патот твој до целта и ти ќе земеш жена за синот мој од родот мој, од домот на таткото мој. Тогаш ќе ти биде простена клетвата моја, кога ќе отидеш кај роднините мои; а и ако не ти ја дадат, ќе бидеш ослободен од клетвата моја.‘ И кога дојдов денес на изворот, реков: Господи, Боже на господарот мој Авраам, ако си ме упатил на прав пат, по кој одам, еве, јас ќе застанам крај изворот, и на девојката, која ќе дојде да налее вода, ќе ѝ речам – Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја, – и ако таа ми одговори – Еве, и ти пиј, и на камилите твои ќе им налеам – таа нека биде жената, која Господ ја определил за синот на господарот мој. Јас уште не го изреков тоа во срцето свое, а Ревека дојде со стомната на рамо, и слегувајќи на изворот, налеа; а јас ѝ реков – ‚Дај ми да се напијам.‘ И таа веднаш ја спушти стомната и рече – ‚Еве, пиј ти; и камилите твои ќе ги напојам.‘ – Се напив, и камилите мои ги напои. Тогаш ја прашав и реков: – ‚Чија ќерка си?‘ А таа одговори: – ‚Јас сум ќерка на Ветуил, синот на Нахор, кого му го роди Милка‘. Тогаш ѝ ги ставив обетките и гривните на рацете нејзини. Па Му се поклонив на Господ; и Го благословив Господ Бог на господарот мој Авраам, Кој ме поведе по правиот пат да ја земам ќерката од братот на господарот мој за неговиот син. А сега кажете ми: Ќе му направите ли милост и правда на господарот мој, или не? Ако, пак, не сакате, кажете ми, и јас ќе тргнам надесно или налево.“ А Лаван и Ветуил одговорија: „Од Господ дојде ова; ние не можеме да ти кажеме ни лошо, ни добро.