Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 21:1-21

Создавање 21:1-21 MK2006

И Господ милостиво погледна на Сара, како што беше рекол, и постапи Господ со Сара според зборовите Свои. Сара зачна и му роди на Авраам син во староста негова, во времето што Господ му го беше објавил. И Авраам го нарече синот што му се роди, што му го роди Сара, со името Исак. И го обреза Авраам синот свој Исак во осмиот ден, како што му беше заповедал Господ. Авраам имаше сто години кога му се роди синот Исак. Сара, пак, рече: „Господ ми нанесе смеа; кој ќе чуе за мене, ќе ми се смее.“ И рече: „Кој би рекол дека Сара на Авраам ќе му дои деца? Зашто му родив син во староста негова.“ Детето порасна и беше одбиено од цицање. А Авраам приреди голема гоз­ба во оној ден кога го одбија Исак. Виде Сара дека синот на Агара Египќанката, што му го роди таа на Авраам, се потсмева, па му рече на Авраам: „Истерај ја оваа робинка со синот нејзин, зашто синот на оваа робинка не бива да стане наследник со мојот син Исак!“ А тоа на Авраам му причини голема мака, поради синот негов. Но Бог му рече на Авраам: „Нека не ти е криво заради детето и робинката! Сѐ што ќе ти рече Сара, послушај го гласот нејзин, зашто по Исак ќе произлезе потомството твое. А и од синот на робинката ќе издигнам народ, зашто тој е семе твое.“ И Авраам стана утредента рано, зе­де леб и мев со вода, и ѝ даде на Агара, ставајќи ѝ го тоа на грб, и детето, па ја отпушти. И таа тргна и се за­скита по пустината кај Вирсавија. А кога снема вода во мевот, таа го остави детето под една грмушка, а самата отиде далеку, колку што со стрела може да се дофрли, и седна спроти него; зашто велеше: „Не можам да ја гледам смртта на моето дете!“ И седејќи спроти него, почна гласно да плаче. Но Бог го чу гласот на детето и ангел Божји ѝ викна на Агара од небото и ѝ рече: „Што ти е, Агаро? Не плаши се, бидејќи Бог го чу гласот на детето оттаму, каде што е. Стани, крени го детето и фати го за рака; зашто од него ќе направам голем народ.“ И Бог ѝ ги отвори очите, и таа виде извор со вода; и отиде, па го наполни мевот со вода, и го напои детето. А Бог беше со детето, и тоа порасна, и заживеа во пустината, и стана стре­лец со лак. Тоа живееше во пустината Фаран. И мајка му негова му зеде жена од земјата египетска.