Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 13:1-13

Создавање 13:1-13 MK2006

И тргна Аврам од Египет кон југ, со сѐ што имаше, тој, жената негова, а и Лот со нив. А Аврам беше многу богат со добиток, со сребро и со злато. И ги продолжи тој патувањата свои од Негев до Ветил, до местото, каде што порано му беше поставен шаторот, меѓу Ветил и Гај; до местото, каде што најнапред беше подигнал жртвеник; и таму го призва Аврам името Господово. А и Лот, кој одеше со Аврам, имаше ситен и крупен добиток и шатори. И земјата беше тесна, за да живеат заедно, бидејќи имотот нивни беше толку голем, што не можеа да живеат заедно. И стана караница меѓу пастирите на Аврамовиот добиток и пастирите на Лотовиот добиток. А во таа земја живееја тогаш Хананци и Перизијци. Затоа Аврам му рече на Лот: „Не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини. Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене. Ако тргнеш ти на лево, јас ќе тргнам на десно; ако ти појдеш на десно, јас, пак, на лево.“ Тогаш Лот ги крена очите свои и ја виде целата околина јорданска, која, пред Бог да ги уништи Содом и Гомора, целата, сѐ до Сигор се напојуваше со вода, како рајот Божји и како земјата египетска. И Лот ја избра за себе целата околина јорданска; па појде Лот кон исток; и се разделија еден од друг. Аврам се насели во земјата ханан­ска, а Лот се настани во околните гра­дови, поставувајќи ги шаторите свои дури до Содом. Луѓето, пак, во Содом беа лоши, и многу грешни пред Господ.