Зашто, така вели Господ Бог: еве, Јас сам ќе ги побарам овците Мои и ќе ги најдам. Како што пастирот го проверува стадото свое, во оној ден кога ќе се најде меѓу своето распрснато стадо, така ќе ги најдам Јас овците Мои и ќе ги ослободам од сите места, каде што биле распрснати во ден облачен и мрачен. Ќе ги изведам од народите и ќе ги соберам од земјите, ќе ги доведам во земјата нивна и ќе ги пасам по планините израелски, покрај потоци и по сите места, каде што се живее во таа земја. Ќе ги пасам на добро пасиште и ќе имаат свое трло на високите израелски планини; таму во трлото ќе се одмораат добро и ќе пасат на сочно пасиште, по планините израелски. Моите овци, Јас ќе ги пасам и ќе ги одморам, вели Господ Бог. Изгубена ќе најдам и истерана ќе вратам, ранета ќе превијам и болна ќе излекувам, здебелена и бујна ќе исчистам; ќе ги пасам со правда. Вас, пак, овци Мои, така вели Господ Бог, Јас ќе ве судам меѓу овца и овца, меѓу овен и козел. Зар малку ви е тоа што пасете на добро пасиште, а другиот дел од пасиштето го газите со своите нозе, и пиете чиста вода, додека остатокот ја матите со нозете свои? Па овците Мои треба да го јадат она, што сте го изгазиле вие со нозете свои, и да го пијат она, што сте го изматиле со нозете свои? Затоа, вака вели Господ Бог: еве, Јас сам ќе ве судам меѓу овца згоена и овца слаба. Бидејќи со слабините и плеќите се туркате, а со роговите ги бодете сите слаби додека не ги истерате надвор. Но Јас ќе ги спасам овците Мои и тие нема веќе да бидат разграбувани, и ќе пресудам меѓу овца и овца. И ќе поставам над нив еден пастир, што ќе ги пасе, слугата Мој Давид; тој ќе ги пасе и тој ќе им биде пастир. И Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, а Мојот слуга Давид ќе биде нивни кнез. Јас, Господ, го реков ова.