Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 3:1-27

Езекиел 3:1-27 MK2006

И ми рече: „Сине човечки, изеди го тоа што е пред тебе, изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на Израел.“ Тогаш ја отворив устата и Тој ми го даде свитокот за да го изедам. Потоа ми рече: „Сине човечки: устата твоја ќе го изеде овој свиток и утробата твоја ќе се насити со овој свиток, што ти го давам Јас.“ И јас го изедов, а во устата почувствував сладост како мед. И пак ми рече: „Сине човечки, стани и појди во домот Израелов и кажи им ги Моиве зборови, зашто те праќам не кај народ непознат и со неразбирлив јазик, туку во домот Израелов, не кај народ со неразбран збор и непоимлив јазик, чии зборови не мо­жеш да ги разбереш; но дури и кај нив да бев те пратил, и тие ќе те разбереа; а домот Израелов не ќе сака да те слуша, тие не сакаат Мене да ме слу­шаат, бидејќи сиот дом Израелов е тврдоглав и со жестоко срце. И, ете, Јас го направив и твоето лице тврдо како нивните лица, и твоето чело ќе го стврднам против нив. Челото твое го направив како дијамант, кој е потврд од каменот; не бој се од нив и не плаши се од нивното лице, зашто тие се дом отстапнички.“ И ми рече: „Сине човечки, сите збо­рови Мои што ти ги кажувам, прими ги во срцето свое и слушај ги со ушите свои; стани, па оди кај изгонетите, кај синовите на твојот народ, зборувај им и кажи им – вака вели Господ Бог – па по­слушале тие, или не.“ И Духот ме подигна; а зад себе чув голем грмотевичен глас: – „Благосло­вена е славата на Господ од местото Не­гово!“ А слушнав и шум од крилјата на оние животни, што се допираа едно до друго, како и шум од тркалата нивни, како и звук од силен гром. Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И појдов огорчен, со нажален дух; но крепката рака Господова беше над мене. И дојдов при робовите во Тел-Авив, кај оние кои живееја покрај реката Кевар, и се задржав таму и по­минав кај нив седум дена, чудејќи се. А кога заминаа седумте дена, дојде до мене слово Господово: „Сине човечки, Јас те поставив за стражар над домот Израелов, и ти ќе го слушаш словото од устата Моја, и ќе ги опоменуваш во Мое име. Кога ќе му речам на беззаконикот: ‚Бездруго ќе умреш!‘, а ти не го опо­менеш и не зборуваш, за да го одвратиш беззаконикот од неговиот грешен пат, за да биде жив, – тогаш тој беззаконик ќе умре во беззаконието свое, но крвта негова Јас ќе ја барам од рацете твои. А, ако го опоменеш беззаконикот и тој не се откаже од беззаконието свое и од грешниот свој пат, беззаконикот ќе умре во беззаконието свое, а ти ќе си ја спасиш душата своја. И, ако праведник отстапи од правдата своја и постапи грешнички, кога Јас ќе му ставам сопка, и умре, ако не си го предупредил, тој ќе умре поради гревот свој, и нема да му се примаат праведните дела, што ги направил; но крвта негова ќе ја барам од твоите раце. Ако го опоменеш праведникот, за да не греши, и тој не греши, тогаш и тој ќе биде жив, затоа што си го преду­п­редил и ти ќе си ја спасиш душата своја.“ И беше таму врз мене пак раката Господова, и Тој ми рече: „Стани и из­лези во полето; Јас ќе зборувам таму со тебе.“ Станав, и излегов во полето, и ете, таму беше славата Господова, како славата, што ја видов при реката Кевар; и паднав ничкум. И влезе во мене Духот и ме исправи на нозе, и Тој говореше со мене и ми рече: „Оди и затвори се во домот твој. Сине човечки, ете, ќе ти стават вериги, и ќе те врзат во нив, и не ќе можеш да излегуваш меѓу нив. А јас ќе ти го залепам јазикот твој за непцето, и ти ќе онемееш, и не ќе можеш да ги укоруваш, зашто тие се дом отстапнички. А кога Јас ќе зборувам со тебе, тогаш ќе ти ја отворам устата твоја и ти ќе им зборуваш: вака вели Господ Бог! Кој сака да слуша, нека слуша; а кој не сака да слуша – нека не слуша; зашто тие се дом отстапнички.“