А Мојсеј Му рече на Господ: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам.“ А Господ рече: „Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не сум тоа Јас, Господ? Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата, и ќе те научам, што да зборуваш.“ Но тој пак рече: „Те молам, Господи, избери друг, што ќе го испратиш.“ И се разгневи Господ на Мојсеј, и рече: „Нели ти е брат Арон левитот? Знам дека е способен да зборува; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во срцето свое. Нему ќе му говориш и ќе ги ставаш зборовите во устата негова; а Јас ќе бидам со устата твоја и со устата негова и ќе ви покажам што да правите. И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.“
Тогаш отиде Мојсеј и се врати кај својот тест Јотор и му рече: „Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.“ Јотор му рече на Мојсеј: „Оди со здравје!“ И Господ му рече на Мојсеј во Мидјан: „Оди, врати се во Египет, зашто изумреа сите, што ја бараа душата твоја.“ Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и синовите свои, и ги качи на магариња, и замина за Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја. И му рече Господ на Мојсеј: „Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гледај да ги направиш пред фараонот сите чуда, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот. А ти кажи му на фараонот: Вака вели Господ: Израел е Мојот првороден син. Јас ти велам: пушти го синот Мој да Ми служи. Ако не го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороден син.“