Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 36:20-38

Излез 36:20-38 MK2006

И направи штици за скинијата од дрвото шитим, што ќе стојат испра­вени; секоја штица од по десет лакти долга, а лакот и половина широка; секоја штица имаше по два клина, еден спроти друг; така направи тој на секоја штица од скинијата. А вакви штици за скинијата направи дваесет за јужната страна: и направи четириесет подножја среб­рени за под дваесетте штици, по две подножја под секоја штица за двата клина нејзини, и по две подножја под другата штица за двата нејзини клина. И за другата страна на скинијата, спрема север, направи дваесет штици, и четириесет сребрени подножја: две подножја под едната штица и две подножја под другата штица. А за задната страна на скинијата, кон запад, направи шест диреци; направи уште две штици за аглите на скинијата од задната страна; тие беа составени одоздола и одозгора со една алка; така направи тој со обете страни на двата агла; и така имаше осум штици и шеснаесет подножја сребрени, по две подножја под секоја штица. Потоа направи напречници од дрвото шитим: пет за штиците од едната страна на скинијата, и пет напречници за штиците од другата страна на скинијата, и пет напречници за штиците од задната страна на скинијата. А направи и внатрешна напречница што ќе иде преку средината на штиците од едниот до другиот крај; диреците ги опкова со злато, а и алките, низ кои беа провлечени напреч­ниците, ги направи од злато, па и на­пречниците ги опкова со злато. Потоа направи завеса од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен и на неа направи херувими, уметнички извезени; за неа направи и четири столба од дрвото шитим, и ги опкова со злато; и златни кукички за столбовите и им излеа четири подножја од сребро. Направи потоа завеса за влезот во скинијата од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен, уметничка изработка, и пет столбови за неа со кукичките нивни; врвовите на столбовите и нивните прстени ги обложи со злато, и направи пет подножја од бакар.