И Господ му рече на Мојсеј: „Изделкај за себе две плочи од камен, како што беа првите, а Јас ќе ги напишам на плочите зборовите, кои беа на првите плочи, што ти ги скрши. И биди готов за утре, и качи се горе на планината Синај, и застани пред Мене, на врвот од планината. Но никој нека не се искачува со тебе, ниту да се појавува по целата планина; дури ни добиток, ситен или крупен, да не пасе близу планинава.“ И Мојсеј изделка две плочи од камен, како што беа првите, и стана утредента рано, па се искачи на планината Синај, како што му заповеда Господ, и ги зеде со себе двете камени плочи. А Господ слезе во облак, а Мојсеј застана пред Него, и го извика името Господово. Потоа Господ помина покрај лицето на Мојсеј и извика: „Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, но Кој виновни не остава неказнети, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата, дури и внуците до третото и четвртото колено.“ А Мојсеј веднаш, падна наземи и се поклони; и рече: „Ако сум нашол милост пред Тебе, Господи, нека оди Господ мој со нас, бидејќи овој народ е тврдоглав; прости ни ги гревовите наши и беззаконијата наши и ќе бидеме Твои.“
Тој одговори: „Еве, воспоставувам завет со тебе: пред целиот народ твој ќе извршам чуда какви што не биле направени по целата земја и кај ниеден народ; и ќе ги видат сите луѓе, меѓу кои си и ти, делата Господови, бидејќи страшно ќе биде она што ќе го направам за тебе.