А народот, кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арон, и му рече: „Стани и направи ни бог што ќе оди пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек – со Мојсеј, кој нѐ изведе од земјата египетска.“ Арон им рече: „Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени, синовите ваши и ќерките ваши, и донесете ми ги!“ И сиот народ ги извади златните обетки, што им беа на ушите, и му ги донесоа на Арон. А тој, откако ги зеде од рацете нивни, ги растопи во калапи и од нив излеа теле. И рекоа: „Еве го, Израеле, твојот бог, кој те изведе од земјата египетска.“ А кога го виде тоа Арон, направи жртвеник спроти него, и изјави и рече: „Утре е празник на Господ.“ Утредента, станувајќи рано, принесоа жртви сепаленици и жртви за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат. И му рече Господ на Мојсеј: „Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата египетска, појде по пат на беззаконие. Брзо се отклонија од патот, што им го определив; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‚Еве го, Израеле, твојот бог што те изведе од земјата египетска.‘“ И му рече Господ на Мојсеј: „Гледам дека оној народ е тврдоглав, но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам, а од тебе ќе направам голем народ.“ А Мојсеј, се помоли пред Господ Бог, и рече: „Зошто се разгорува, Господи, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата египетска со сила голема и рака цврста? Зошто Египќаните да зборуваат и да речат: ‚За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истреби од земјата?‘ Нека се смири Твојот силен гнев и немој да го погубуваш народот Твој. Сети се на Авраам, Исак и Израел, слугите Твои, на кои им се колнеше, велејќи: ‚Ќе го умножам и преумножам потомството ваше како ѕвездите на небото, и сета оваа земја, за која ви зборував, ќе му ја дадам на потомството ваше; вечно ќе ја владеат.‘“ И Господ се смилува и не му направи зло на народот Свој, како што беше рекол. Тогаш се врати Мојсеј, слегувајќи од планините; во рацете му беа двете плочи на заветот, испишани од двете страни: и на едната страна и на другата страна беше напишано. Плочите беа Божјо дело, и писмото – Божјо писмо, врежано на плочите. А Исус, кога го чу гласот на народот што викаше, му рече на Мојсеј: „Борбен повик е во логорот.“ Но тој одговори: „Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на луѓе кои пеат.“ А кога се приближи до логорот и го виде телето и игрите, се разгневи Мојсеј: па ги фрли од рацете свои обете плочи, и ги скрши во подножјето на планината. Потоа го зеде телето, што го беа направиле, и го изгори во оган и го претвори во прав, а правта ја истури во водата, и им даде од неа да пијат синовите на Израел.