Му рече Господ уште на Мојсеј, велејќи: „Земи мириси најубави: смирна чиста – петстотини шекели, миризлив цимет половина од тоа – двесте и педесет, и трстика миризлива – исто така двесте и педесет, касија – петстотини шекели, според свештениот шекел, и маслиново масло еден ин; и од тоа направи масло – миро за свето помазание; мирото за свето помазание да биде направено со умешноста на мироварец; тоа нека биде миро за свето помазание. Со него помажи ја скинијата на собранието и ковчегот на заветот и трпезата и сиот нејзин прибор, и светилникот и сите делови негови, и жртвеникот за кадење; и жртвеникот, на кој се принесува жртва сепаленица, и сиот негов прибор, и мијалникот и подножјето негово. Така ќе ги осветиш, па ќе станат голема светиња и сѐ што ќе се допре до нив, ќе се освети. Помажи го и Арон и синовите негови, и посвети ги, за да Ми бидат свештеници. А на синовите израелски кажи им: ова масло за помазание нека Ми биде миро за свето помазание за сите поколенија ваши. Телото на обичен човек нека не се помажува со него, и не правете за себе такво миро какво што е ова. Тоа е светиња и нека остане светиња за вас. Ако некој направи такво миро, или помаже друг со него, нека биде истребен од народот свој.“
И му рече Господ на Мојсеј: „Земи благопријатни мириси: стакта, оникс, халван миризлив, и чист темјан, од сите работи во еднакви делови, и од нив направи кадиво, миро варено, со умешноста на мироварец, чисто и свето. Па, откако ќе го истолчиш ситно, ставај од него во скинијата пред ковчегот на заветот, каде што ќе ти се јавувам; тоа нека ви биде голема светост. А такво кадиво, какво што ќе го направиш, немојте да правите за себе; тоа нека ви биде светост пред Господ. А, ако некој го направи тоа, за да кади со него, нека биде истребен од народот свој.“