Излез 24:1-18
Излез 24:1-18 MK2006
И Бог му рече на Мојсеј: „Качете се кај Господ ти и Арон, Надав и Авиу и седумдесет старешини израелски и поклонете Му се оддалеку; и да пристапи Мојсеј сам до Господ, но тие, да не пристапуваат, и народот со нив да не се искачува.“ Дојде Мојсеј и му ги повтори на народот сите зборови Божји и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: „Сите наредби што ги кажал Господ, ќе ги извршуваме.“ И ги напиша Мојсеј сите зборови Господови, па станувајќи утредента рано, подигна жртвеник под гората, и дванаесет столбови за дванаесетте израелски колена, и прати момчиња од синовите израелски, и тие принесоа жртви сепаленици и заклаа телиња за жртва за мир на Господ. Потоа Мојсеј зеде половина од крвта и ја налеа во чаша, а другата половина од крвта ја изли на жртвеникот; па ја зеде книгата на заветот и му ја прочита гласно на народот, а тие рекоа: „Сѐ, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни.“ Тогаш Мојсеј ја зеде крвта, и го попрска со неа народот, велејќи: „Ова е крвта на заветот, кој го воспостави Господ со вас за сите овие зборови.“ Потоа Мојсеј и Арон, Надав и Авиу, и седумдесетте старешини израелски се искачија горе и Го видоа Бога израелски; а подножјето Негово како да беше од камен сафир, со сјај како сводот небески по чистота. И Тој не повреди никој од избраните меѓу синовите на Израел: тие Го видоа Бога, па јадеа и пиеја. И Господ му рече на Мојсеј: „Качи се кај Мене на планината и остани тука; ќе ти дадам камени плочи со закон и заповеди, што ги напишав за да им бидат закон.“ Тогаш стана Мојсеј со Исус, неговиот помошник, и се искачи Мојсеј на планината Божја, а на старешините им рече: „Почекајте тука додека се вратиме кај вас; а, ете, Арон и Ор се со вас, па, ако има некој нешто за судење, нека оди кај нив.“ И се искачи Мојсеј на планината, и облак ја покри планината, и беше славата Господова на Синајската Планина; и облак ја покриваше шест дена; а во седмиот ден го повика Мојсеј од облакот. А славата Господова се гледаше како оган што гори на врвот од планината пред синовите израелски. И Мојсеј влезе среде облакот и се качи на планината; и остана таму Мојсеј четириесет дена и четириесет ноќи.

