Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 16:1-35

Излез 16:1-35 MK2006

Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите израелски дојде во пустината Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од египетската земја. И почна да се буни целата заедница на синовите израелски против Мојсеј и против Арон во пустината. И им рекоа синовите на Израел: „О, да бевме умреле од раката Господова во земјата египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустина, за да го умрете целово ова множество со глад!“ А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го проверам ќе постапува ли според законот Мој или не; а во шестиот ден нека го зготват она, што го собрале, и тоа ќе стане двој­но од она, што го собираат секој ден.“ Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот народ израелски: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од земјата египетска, а утре ќе ја видите славата Гос­подова; зашто Тој го чу негодувањето ваше против Господ. Што сме ние, та да се буните против нас?“ Потоа Мојсеј рече: „Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; зашто го чу Гос­под негодувањето ваше, што го сто­рив­те против Него. Кои сме ние? Вашето негодување не е против нас, туку против Господ.“ И му рече Мојсеј на Арон: „Кажи му на целото општество на синовите израелски – ‚застанете пред Господ, зашто Тој го чу вашето незадовол­ство.‘“ И кога Арон му зборуваше на на­родот, тие погледнаа кон пустината, и ете – славата Господова се појави во облак. И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи: „Го чув негодувањето на синовите израелски. Кажи им и речи: ‚Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, вашиот Бог.‘“ Вечерта долетаа потполошки и го прекрија логорот; а утрината беше паднала роса околу логорот. И, ете, кога се крена росата, а тоа: по пустината лежи валчест прав, нешто како бел сињак по земјата. И кога видоа синовите израелски, си велеа еден на друг: „Што е тоа?“ Зашто не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: „Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.“ Еве како заповеда Господ: „Соби­рајте од него, секој колку што му треба за јадење – по еден омер на лице, според бројот на членовите ваши; секој според бројот на домашните што ги има во шаторот, собирајте.“ И направија така синовите израел­ски: и собраа, кој повеќе, кој помалку. Па мереа со омер; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помал­ку, – немаше недостиг; секој имаше онолку, колку што можеше да изеде. И им рече Мојсеј: „Никој да не остава од тоа за утре!“ Но тие не го послушаа Мојсеј, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа црвоса и се усмрде. И се налути Мојсеј на нив. И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што може да изеде; а кога сонцето ќе изгрееше, тоа се топеше. А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе – по два омера за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеј. А тој им рече: „Еве што кажа Господ – утре е сабота, ден за одмор посветен на Господ; што ќе печете – печете, и што треба да варите – варете денес; а што ќе преостане, соберете го и чувајте го за утре!“ И оставија од него за утре, како што заповеда Мојсеј, и тоа не се усмрде, ниту имаше црвје во него. И Мојсеј рече: „Јадете го тоа денес, бидејќи денес е сабота Господова; денес нема да најдете од него во полето. Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе го нема.“ И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа. А Господ му рече на Мојсеј: „До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој? Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој во својот дом, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.“ И се одмараше народот седмиот ден. И синовите израелски тој леб го нарекоа мана. Тој беше бел како коријандрово семе, а по вкус – како медено колаче. Тогаш Мојсеј им рече: „Еве што заповеда Господ: ‚Земете еден омер мана, за да се запази во родовите ваши, за да го видат лебот што го јадевте и со кој ве хранев во пустината, кога ве изведов од земјата египетска.‘“ И му рече Мојсеј на Арон: „Земи еден сад и стави во него еден омер мана, и постави го пред Господ, за да се чува во вашето потомство.“ И го постави Арон пред ковчегот на заветот, за да се чува, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј. А синовите на Израел јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана сѐ додека не стигнаа до границата на хананската земја.