Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 14:1-31

Излез 14:1-31 MK2006

И Господ му рече на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на синовите израелски да свртат и да се улогорат пред Пи-Хахирот и меѓу Мигдол и морето, пред Ваал-Цефон. Спроти него улогорете се крај морето. И така фараонот ќе рече за синовите израелски: ‚Заскитале во таа земја, пустината ги затворила.‘ А Јас ќе направам да се ожесточи срцето на фараонот, и тој да појде во потера по нив. Но Јас ќе се прославам над фараонот и над сета негова војска. И Египќаните ќе познаат дека Јас сум Господ.“ Тие така и направија. А кога му соопштија на египетскиот цар дека народот избегал, се измени срцето на фараонот и слугите негови спрема народот, па рекоа: „Што направивме, па ги пуштивме синовите израелски, та да не ни работат повеќе?“ И ја впрегна фараонот колата своја, и сиот народ го поведе со себе; зеде шестотини коли по избор и колку што уште имаше египетски коли, со нивните началници. А Господ направи, та се ожесточи срцето на фараонот, царот египетски, и тргна во потера по синовите израелски; но синовите на Израел врвеа под силна рака. И се впуштија по нив Египќаните, и сите коњи фараонови со колите, и коњаниците и сета војска негова, и ги најдоа крај морето, во близина на Пи-Хахирот, спроти Ваал-Цефон. А кога наближи фараонот, се обѕрнаа синовите израелски, и што ќе видат: ете, Египќаните идат по нив! И синовите израелски се уплашија многу, па извикаа кон Господ, и му рекоа на Мојсеј: „Зар немаше гробови во Египет, туку нѐ изведе овде да изгинеме во пустината? Што ни направи? Зошто нѐ изведе од Египет? Нели ти го кажавме ова и во Египет, кога ти рековме: ‚Остави нѐ, да им служиме на Египќаните?‘ Зашто подобро ќе ни беше да им робуваме на Египќаните, отколку да изгинеме во пустинава.“ А Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес: Египќаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека. Господ ќе се бори за вас, а вие бидете спокојни.“ И Господ му рече на Мојсеј: „Зо­што викаш кон Мене? Кажи им на синовите на Израел нека врват. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите израелски, среде море по суво. Но, ете, Јас ќе го ожесточам срцето на сите Египќани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови. И Египќаните ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.“ И се крена ангел Господов, кој одеше пред војската израелска, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив. А кога влезе меѓу војската египет­ска и војската израелска, застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите. И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбранува мо­рето со источен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во морето суво и водата се раздели. И појдоа синовите израелски среде море по суво, а водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата стра­на. А Египќаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи фараонови, колите и коњаниците негови. А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од огнениот столб и од облакот и ја доведе во забуна војската египетска, па им ги врза тркалата на колите нивни, та одвај ги влечеа. Тогаш Егип­ќаните рекоа: „Да бегаме од Израел­ците, зашто Господ се бори за нив против Египќаните!“ Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египќаните, врз колите нивни и врз коњаниците нивни.“ И Мојсеј ја испружи раката своја над морето, и пред зори водата пак се поврати на своето место, а Египќаните тргнаа да бегаат наспроти водата; и Господ ги потопи Египќаните среде море. Кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска фараонова, што беше тргнала по нив во морето; и не остана ниеден од нив. Синовите, пак, израелски минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна. И ги избави Господ Израелците во тој ден од рацете на Египќаните. И ги видоа синовите израелски Египќаните што изумреа на морскиот брег. Ја виде Израел големата сила, што Господ ја покажа над Египќаните, и народот се уплаши од Господ, и поверува во Бога и на слугата негов Мојсеј.