Имаше во престолнината Суза еден Јудеец, по име Мардохеј, син на Јаир, син на Семеј, син на Кис, од Венијаминовото племе. Тој беше преселен од Ерусалим со плениците, протерани заедно со јудејскиот цар Јехонија, што го беше преселил вавилонскиот цар Навуходоносор. Тој ја воспитуваше Хадаса – односно Естира – ќерка на чичко му, бидејќи таа немаше ни татко, ни мајка. Таа девојка имаше тенка става и убаво лице, а по смртта на татко ѝ, Мардохеј ја прибра кај себе како своја ќерка. Кога беше објавена заповедта на царот и указот негов, и откога беа собрани многу девојки во престолнината Суза под надзор на Хегај, тогаш беше земена и Естира во царскиот дом под надзор на Хегај, чуварот на жените. Таа девојка му се допадна и ја придоби неговата наклоност, и тој побрза да ѝ даде масла и сѐ што ѝ припаѓа, и да ѝ определи седум достојни девојки да бидат покрај неа, во царскиот дом, па ја премести неа и девојките нејзини во најубавото одделение на женскиот дом. Естира не го кажуваше ни народот свој, ни потеклото свое, бидејќи Мардохеј ѝ беше заповедал да не кажува. И секој ден Мардохеј доаѓаше во дворот на женскиот дом за да дознае за здравјето на Естира и што станува со неа. Кога доаѓаше времето на секоја девојка да влезе кај царот Ксеркс, откако дванаесет месеци по ред беше извршувано над неа сѐ, определено за жените, – зашто за толку време продолжуваа дните на дотерувањето нивно: шест месеци со смирново масло и шест месеци со благопријатни мириси и со други женски работи – дури тогаш девојката влегуваше кај царот. И што и да побараше таа, ќе ѝ дадеа и со тоа одеше од женскиот дом во домот на царот. Вечерта таа влегуваше и утредента се враќаше во друг женски дом под надзор на царскиот чувар на наложниците; и веќе не влегуваше кај царот, – освен ако царот ја побараше, и ќе ја повикаа по име.