Откако стивна гневот на царот Ксеркс, тој се сети на Астина и на она што го направи таа и за решението за неа. И рекоа царските слуги, што му служеа: „Да се побараат за царот млади и убави девојки, а царот да определи во сите области на царството пратеници што ќе ги соберат сите млади и убави на изглед девојки во престолнината Суза, во женскиот дом под надзор на царскиот евнух Хегај, чувар на жените, и да им дадат сѐ што е потребно за дотерување. И која девојка ќе му се допадне на царот, таа да стане царица наместо Астина. Му се допаднаа на царот тие зборови, и тој постапи така.“ Имаше во престолнината Суза еден Јудеец, по име Мардохеј, син на Јаир, син на Семеј, син на Кис, од Венијаминовото племе. Тој беше преселен од Ерусалим со плениците, протерани заедно со јудејскиот цар Јехонија, што го беше преселил вавилонскиот цар Навуходоносор. Тој ја воспитуваше Хадаса – односно Естира – ќерка на чичко му, бидејќи таа немаше ни татко, ни мајка. Таа девојка имаше тенка става и убаво лице, а по смртта на татко ѝ, Мардохеј ја прибра кај себе како своја ќерка. Кога беше објавена заповедта на царот и указот негов, и откога беа собрани многу девојки во престолнината Суза под надзор на Хегај, тогаш беше земена и Естира во царскиот дом под надзор на Хегај, чуварот на жените. Таа девојка му се допадна и ја придоби неговата наклоност, и тој побрза да ѝ даде масла и сѐ што ѝ припаѓа, и да ѝ определи седум достојни девојки да бидат покрај неа, во царскиот дом, па ја премести неа и девојките нејзини во најубавото одделение на женскиот дом. Естира не го кажуваше ни народот свој, ни потеклото свое, бидејќи Мардохеј ѝ беше заповедал да не кажува.