Потоа се свртев да ги погледам мудроста, безумството и глупоста: што може да направи човекот што ќе ме наследи, посебно од она, што е веќе направено? И видов дека предимството на мудроста пред глупоста е токму такво, какво што е предимството на светлината пред темнината: на мудриот очите му се во главата негова, а глупавиот оди во темнина; но дознав дека крајот на сите им е еднаков. Тогаш си реков во срцето свое: „И мене ќе ме стигне истото, како и глупавиот; зошто толку многу сакав да станам мудар?“ Па си реков во срцето свое дека и тоа е суета. Зашто нема да го помнат мудриот вечно, како и глупавиот; по време сѐ ќе се заборави, и, мудриот умира, како и безумниот. Тогаш го намразив животот, бидејќи ми станаа одвратни работите, што се вршат под сонцето; зашто сѐ е суета и измачување на духот. И го намразив сето она, за кое се бев трудел под сонцето, затоа што треба да го оставам на човек, што ќе дојде по мене. И кој знае: мудар ли ќе биде тој или глупав? А тој ќе располага со сиот мој труд, со кој сум се трудел и со кој сум се покажал мудар на земјата. Но и тоа е суета! Намислив да му внушам на срцето свое да се откаже од сиот труд, со кој се бев трудел на земјата, зашто еден човек се труди мудро, со знаење и со успех, и сето тоа треба да му го предаде на човек, што не се трудел за тоа, – како да е негов дел. Па и тоа е суета и зло големо! Зашто, што му останува на човекот од сиот негов труд и од грижата на срцето негово, што се труди на земјата? Бидејќи сите денови му се мачни, а трудовите негови – неспокојство; дури и ноќе срцето негово не знае за мир. Ете, и тоа е суета! И не е ли добро за човекот да јаде, да пие и да ја насладува душата своја од својот труд. Но јас видов дека и тоа е од Божјата рака; зашто, кој може да јаде, и кој може да се насладува без Бога? Тој му дава мудрост, и разум и радост на човекот, кој е добар пред лицето Негово; а на грешникот му дава грижи, – да собира и трупа, за да го предаде потоа на оној, кој е добар пред лицето Божјо! Па, ете, и тоа е суета и мака за духот!