Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Проповедник 10:1-20

Проповедник 10:1-20 MK2006

Мртвите муви го расипуваат и го усмрдуваат благопријатното масло на мироварец: истото го прави една мала глупост на уважуван човек за неговата мудрост и чест. Срцето на мудриот се наклонува кон десно, а срцето на глупавиот – кон лево. По каков и да било пат да оди глупавиот, кај него секогаш недостига ра­зум, и пред секого тој ќе се пока­жува дека е неразумен. Ако гневот на оној што владее избув­не врз тебе, не напуштај го мес­тото свое, зашто кроткоста спречува големи грешки. Има зло што сум го видел на земјата, како грешка што доаѓа од владетелот; неразумниот се поставува на голема височина, а богатите седат ниско. Сум видел слуги на коњи, а кнезови да одат пешки како слуги. Кој копа јама, сам ќе падне во неа, и кој соборува ограда, змија ќе го касне. Кој крева камења, може да се ши­не, и кој цепи дрва, може да се изло­жи на опасност од нив. Ако отапи секирата, и ако сечи­лото нејзино не биде наострено, ќе треба повеќе сила; мудроста знае тоа да го поправи. Ако змијата касне пред да биде убиена, тогаш каква е ползата за оној што ќе ја убие. Зборовите од уста на мудрец се бла­годат, а устата на безумниот са­миот не­го го погубува: првите зборови од устата му се глупост, а крајот на речта на устата негова – лошо безумие. Глупавиот зборува многу, а човекот и не знае што ќе биде; та и кој ќе му каже, што ќе биде по него? Трудот на глупавиот го изморува, зашто не го знае дури ни патот за во градот. Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете, и кога кнезовите твои уште од рано се гоштеваат! Блазе тебе, земјо, кога царот ти е од род благороден, и кнезовите твои јадат навреме, за поткрепа, а не за преситување! Од мрзливост ќе нависне таванот, и кога ќе се скрстат рацете, покривот ќе прокапе. Гоштевања се приредуваат заради наслада и виното го весели животот; а сѐ прави среброто. Дури и во мислите свои не навредувај го царот, и во спалната своја не го навредувај богатиот; зашто небес­ната птица може да го пренесе твојот збор, и сѐ што има крилја ќе го соопшти твојот збор.