Зборови на проповедникот, син Давидов, цар израелски. Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сѐ е суета! Каква е ползата за човекот од сите негови трудови, со кои се труди под сонцето? Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а земјата останува засекогаш. Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева. Ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг. Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат одново. Секоја работа бара труд: човекот не може сѐ да искаже; окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша. Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето. И ако за нешто се рече: „Види, ете, тоа е ново“; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас. Нема спомен за минатото; па и за тоа, што ќе биде подоцна нема да остане спомен кај оние што ќе дојдат.
Јас, проповедник, бев цар над Израел во Ерусалим; и го управив срцето свое да истражува и да испитува преку мудроста сѐ, што станува под небото; таа тешка задача им ја даде Бог на синовите човечки, за да се занимаваат со неа. Ги видов сите работи, што се вршат на земјата, и ете – сѐ е суета и мака за духот. Кривото не може да се исправи, и она, што го нема не може да се брои. Си велев во срцето свое: „Еве, јас се воздигнав и се здобив со мудрост повеќе од сите, што беа пред мене над Ерусалим, и срцето мое виде многу мудрост и знаење.“ И го насочив срцето свое да ја познае мудроста, да ги познае безумието и глупоста; но разбрав дека и тоа е мачно за духот; зашто при големата мудрост голема е и тагата, и кој умножува знаење, умножува и мака.