Чуј, Израеле: ти денес ќе го минеш Јордан да завладееш народи, поголеми и посилни од вас, градови големи, со тврдини до небеса, луѓе големи, и многубројни, и високи, Анаковите потомци, за кои знаеш и си слушал: „Кој може да им се противстави на Анаковите потомци?“ Но сега знај дека Господ, твојот Бог, ќе оди пред тебе како оган, кој гори: Тој ќе ги истреби и ќе ги кутне пред тебе и ти наскоро ќе ги изгониш и ќе ги истребиш, како што ти рече Господ. Кога ќе ги изгони Господ, твојот Бог, пред тебе, немој да речеш во срцето свое: „Заради мојата праведност ме доведе Господ да ја наследам таа земја. Затоа што поради беззаконијата на овие народи Господ ги прогонува од пред тебе.“ Не заради праведноста твоја и не заради правината на срцето твое ти одиш да ја наследиш земјата нивна, туку поради бесчестието на тие народи Господ, твојот Бог, ги изгони од пред тебе, и за да го одржи заветот, со кој им се заколна Господ на предците твои: Авраам, Исак и Јаков; затоа знај сега дека не заради праведноста твоја Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш таа добра земја, – бидејќи си тврдоглав народ.
Запомни и не заборавај, колку Го разгневивте Господа, вашиот Бог, во пустината: од оној ден, кога излеговте од египетската земја, па сѐ додека пристигнавте на ова место, вие не Му се покоривте на Господ. И кај Хорив вие Го раздразнивте Господа, и се разгневи Господ на вас, така што сакаше да ве истреби.