Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 8:1-20

Повторени закони 8:1-20 MK2006

Сите заповеди, што денес ви ги кажувам, настојувајте да ги исполнувате, за да бидете живи и да се на­множите, и да влезете и да ја наследите земјата, која Господ со заклетва им ја вети на вашите предци. И помни го целиот пат, по кој те водеше Господ, твојот Бог, по пустината еве веќе четириесет години, за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или, пак, не. Тој те смируваше, те мачеше со глад и те хранеше со мана, што ти не ја знаеше, а не ја знаеја ни твоите предци, за да ти покаже дека човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата Господова; облеката твоја не изветве на тебе, и ногата твоја не отече, еве веќе чети­риесет години. И знај во срцето свое дека Господ, твојот Бог, те поучува како што таткото го поучува синот свој. Затоа почитувај ги заповедите на Господ, твојот Бог, оди по патиштата Негови и плаши се од Него. Зашто Господ, твојот Бог, те води во добра земја; во земја каде што има извори и езера, а од планините и доли­ните, течат потоци; во земја на пченица, јачмен, лозја, смокви и калинки; во земја, каде што има маслиново масло и мед; во земја, каде што ќе го јадеш лебот свој без недостаток и од ништо нема да имаш потреба, во земја, каде што камењата се железо, а од планините ќе ко­паш бакар. И кога ќе јадеш и ќе се наситуваш, благословувај Го Господа, твојот Бог, за добрата земја, што ти ја даде. Гледај да не Го заборавиш Господа, твојот Бог, не почитувајќи ги запо­ве­дите Негови, законите Негови и наредбите Негови, што денес ти ги кажувам. Кога ќе јадеш и ќе бидеш сит, и ќе изградиш убави куќи и ќе се вселиш во нив, кога ќе ти се намножи крупниот и ситниот добиток, и кога се збогатиш со многу сребро и злато, и од сѐ ќе имаш во изобилие, гледај, да не се возгордее срцето твое, та да заборавиш на Господ, твојот Бог, Кој те изведе од египетската земја, од домот на ропството; Кој те преведе преку големата и страшна пустина, каде што има отровни змии и скорпии, и суви места, во кои нема вода; Кој ти извади вода од гра­нитна карпа; те хранеше во пустината со мана, која татковците твои не ја знаеја, за да те смири и да те искуша, па да ти направи потоа добро, и за да не кажеш во срцето свое: „Мојата сила и цврстината на мојата рака го здобија ова богатство.“ Но да Го помниш Господа, твојот Бог, зашто Тој ти даде сила за да се здобиеш со богатство, за да го исполни, како денес, Својот завет, кој со заклетва го беше потврдил на твоите предци. Ако пак Го заборавиш Господа, твојот Бог, и тргнеш по други богови, служејќи им и поклонувајќи им се, ви сведочам денес дека ќе изгинете; онака како народите, кои Господ ги уништи пред вас: така ќе загинете и вие, затоа што не го послушавте гласот на Господ, вашиот Бог.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност