И тогаш ја добивме во наследство таа земја, почнувајќи од Ароер, кој е кај потокот Арнон; а половината од планината Галаад со нејзините градови му ја предадов на Рувимовото и на Гадовото племе. Остатокот, пак, од Галаад и целиот Башан, царството на Ог, му го предадовме на половината од Манасиевото племе: целата област Аргов, со цел Башан. Таа земја се нарече Рефаимска. Јаир, Манасиевиот потомок, ја презеде целата област Аргов, дури до пределите Гесуриски, и Маахатски, и ги нарече тие башански места Јаирови села, според своето име, како што се викаат тие и до ден денес. На Махир му го дадов Галаад; а на племето Рувимово и Гадово им дадов од Галаад дури до потокот Арнон, земјата меѓу потокот и пределот до потокот Јавок, граница на Амоновите потомци; западната, пак, граница оди по долината на Јордан, помеѓу Генисаретското Езеро и Мртвото Море, до источното подножје на Фазга. Тогаш и ви заповедав, велејќи: „Господ, Бог ваш, ви ја даде таа земја во владение; сите способни за војна, откако ќе се вооружите, појдете пред браќата ваши, синовите на Израел; само жените ваши, децата ваши и добитокот ваш, нека останат во градовите ваши, што ви ги дадов, додека Господ не им даде спокојство на вашите браќа, како и вам, и додека тие не ја наследат таа земја, која Господ, Бог ваш, им ја дава од онаа страна на Јордан; тогаш вратете се секој во своето наследство, што ви го дадов.“ А на Исус му заповедав во она време, велејќи: „Очите твои видоа сѐ, што Господ, Бог ваш, им направи на тие двајца цареви; исто ќе направи Господ и со сите царства, преку кои ќе минуваш. Не плашете се од нив, зашто Господ, Бог наш, Сам се бори за нас.“