Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 21:1-21

Повторени закони 21:1-21 MK2006

Ако во земјата, што Господ, твојот Бог, ти ја дава да ја наследиш, се најде убиен човек во полето, и не се знае, кој го убил, нека излезат твоите старешини и судиите и нека го измерат растојанието од убиениот до градовите наоколу; и старешините на градот, што е најблиску до убиениот, нека земат јуничка, со која не е работено која не носела јарем, и старешините од тој град нека ја одведат таа јуничка во пуст, не­обработен и незасејуван дол, и таму – во долот, нека ја заколат јуницата; потоа нека пристапат свештениците, синовите Левиеви, бидејќи Господ, твојот Бог, нив ги избра да Му служат и да благословуваат од името Негово, и според зборовите нивни да се пресуди секоја расправија и секоја причинета повреда, и сите старешини од тој град, нај­блискиот до убиениот, нека си ги измијат рацете над главата на закланата јуница во долот, па да објават и да кажат: „Нашите раце не ја пролеаја оваа крв и нашите очи не видоа; очисти го од грев, Господи, народот Свој израелски, кој си го ослободил и не допуштај да остане врз него невина крв.“ И тие ќе се очистат од крвта. Така треба да ја отстрануваш од себеси крвта на невиниот, ако сакаш да правиш добро пред Господ. Кога ќе излезеш во бој против непријателите свои, и Господ, твојот Бог, ти ги предаде во рацете твои, и ти ги заробиш, па видиш меѓу заробените жена убавица, и ја засакаш, и ќе посакаш да си ја земаш за жена, одведи ја во домот Твој, и нека ја истриже таа главата своја и нека ги исече ноктите свои, нека ја соблече ропската облека, не­ка живее во домот твој, и да го оплакува таткото свој и мајката своја цел месец; потоа можеш да влезеш при неа, и да ѝ станеш маж, и таа да ти биде жена. Ако, пак, отпосле таа не ти е по волја, отпушти ја, но не продавај ја за сребро, ниту да ја имаш за робинка, зашто ти си ја обесчестил. Ако некој има две жени – едната сакана, а втората несакана, па тие и двете му родат синови и ако првородениот син му е од несаканата жена, тогаш, при поделбата на имотот меѓу синовите, тој не може да даде првенство на синот од саканата жена, место на првородениот од несаканата, туку е должен да го признае за свој првенец синот од несаканата жена и нему да му даде двоен дел од сиот имот, бидејќи тој е почеток на неговата сила; нему му припаѓа правото на првород­ство. Ако некој има буен и непокорен син, кој не го слуша гласот на својот татко и гласот на својата мајка, па иако го казнувале, тој пак е непослушен; тогаш татко му и мајка му нека го земат и одведат при старешините на градот, при вратите на своето место­живеење, па нека им кажат на градските старешини: „Овој наш син е буен и не­по­корен, не ги слуша нашите совети, расипник е и пијаница.“ Тогаш сите мажи од градот негов нека го каменуваат до смрт; така ис­чистете го злото од самите себе, и дру­гите ќе чујат и ќе се уплашат.