Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 2:8-37

Повторени закони 2:8-37 MK2006

И минавме покрај нашите браќа, потомците Исавови, кои живеат во Сеир; по патот во рамнината од Елат и Ецјон-Гевер, па свртевме и го изминавме патот во пустината Моав. И ми рече Господ: „Не се карајте со Моавците, ниту почнувајте со нив војна; зашто Јас нема да ви дадам ништо од земјата нивна, бидејќи Јас им го дадов Ар на Лотовите потомци.“ Порано таму живееја Емијци, народ голем, многуброен и висок како Ана­ковите потомци, и ги сметаат Рефаимци како и Ана­кијците; Моавците, пак, ги нарекуваа Емијци. А во Сеир живееја порано Хо­ријците; но потомците Исавови ги изгонија и ги истребија од пред себе и се населија наместо нив – така, како што направи Израел со земјата на своето наследство, што му ја беше дал Господ. „И сега, станете и преминете го по­токот Зеред.“ И ние го минавме по­то­кот Зеред. Откако отидовме во Кадис-Барнеа и го минавме потокот Зеред, поминаа триесет и осум години, сѐ додека во таборот не изгинаа сите мажи, погодни за војна, според она како што им се беше заколнал Господ; пак и раката Господова беше против нив, истребувајќи ги од логорот, додека сите не изумреа. И тогаш, кога изгинаа сите мажи, годни за војна, и исчезнаа помеѓу народот, Господ ми рече, велејќи: „Ти минуваш сега низ пределите моавски, преку Ар, и им се приближи на Амоновите по­томци; не судрувај се со нив, ниту почнувај со нив војна, зашто Јас нема да ти дадам ништо во наследство од земјата на Амоновите потомци, бидејќи им ја дадов на потомците на Лот.“ Таа се сметаше за земја на Рефа­имците: порано живееја во неа Рефа­имци; Амонците, пак, ги нарекуваа Зам­зумијци; тие беа народ голем, многуброен и висок како Анакијците, и Господ ги ис­треби пред лицето нивно, и тие ги изгонија и се населија на нивното место, како што направи за синовите Исавови, кои живеат во Сеир, истребувајќи ги пред нив Хоријците, и тие ги изгонија, и се населија на местото нивно и таму живеат до ден денес. И Авијците, што живееја во селата кај Газа, Кафторијците, кои беа излегле од Кафтор, ги истребија и се населија на нивното место. „Станете, тргнете и минете го по­токот Арнон; ете, го предавам во раката твоја Сихон, царот хешбонски, Амо­реецот, и неговата земја; почни да ја покоруваш и војувај против него; од денес Јас ќе почнам да сеам страв и ужас пред тебе врз народите под целото небо; оние, што ќе чујат за тебе, ќе се растреперат и ќе се уплашат од тебе.“ И испратив пратеници од пустината Кедемот кај хешбонскиот цар Сихон, со мирни зборови, за да кажат: „Дозволи ми да минам преку твојата земја; ќе одам по патот, нема да скршнувам, ни десно, ни лево; храна продавај ми за сребро, и јас ќе јадам, и вода продавај ми за сребро, и јас ќе пијам; само со нозете мои да минам.“ Така, како што ми дозволија потомците Исавови, кои живеат во Сеир, и Моавците од Ар, додека не минам пре­ку Јордан во земјата, што Господ, Бог наш, ни ја дава. Но хешбонскиот цар Сихон не се согласи да минеме преку земјата негова, зашто Господ, Бог наш, го ожесточи духот негов и срцето му го окорави, за да го предаде во раката твоја, како што тоа се виде сега. И ми рече Господ: „Ете, Јас почнав да ти го предавам Сихон, и земјата негова; почни да ја покоруваш земјата негова.“ И Сихон, со целиот народ свој, излезе против нас во бој кај Јахца; и ни го предаде Господ, Бог наш, и ние го разбивме него, синовите негови и целиот народ негов. Тогаш ги презедовме сите градови негови, ги ставивме под клетва и ги разоривме, а и сите мажи, жени и деца ги убивме: никој не остана жив; само добитокот им го зедовме и пленот од градовите, што ги презедовме. Од Ароер, кој е на брегот од потокот Арнон, и од тој град, што е во долината, па сѐ до Галаад, немаше град, непристапен за нас: сѐ ни предаде Господ, Бог наш. Само кон земјата на потомците Амонови не пристапивме, ниту до местата, блиски до потокот Јавок, ниту кон градовите по планината, ниту до сѐ, за кое не ни заповеда Господ, Бог наш.