Кога Господ, твојот Бог, ќе ги уништи народите, чија земја ти ја дава Господ, твојот Бог, и ја наследиш по нив, и се населиш во градовите нивни, и со куќите нивни, тогаш оддели три града во земјата своја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство; изгради си пат и раздели ја на три дела сета земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство; тие да служат за засолниште на секој убиец. А еве кој убиец може да се засолни таму и да остане жив: оној што ќе убие ближен свој без умисла, и да не му бил непријател порано; оној што ќе отиде со другарот свој во шума да собира дрва, па ја замавне секирата со рака, за да пресече дрво, и испадне сечилото од дршката, го погоди другарот негов, и тој умре, – таков нека се засолни во еден од тие градови, за да остане жив, за да не го подгони одмаздникот за крв со разјарено срце убиецот и да го стигне, па, ако патот биде долг, и го убие, иако тој не смее да се осуди на смрт, бидејќи не му бил непријател порано; затоа и ти заповедав, велејќи ти: оддели си три града. Кога пак Господ, твојот Бог, ќе ги прошири твоите предели, како што се беше заколнал на предците твои, и ти ја даде сета земја, што им ја беше ветил на предците твои, ако се трудиш да ги исполнуваш сите овие заповеди, што денес ти ги заповедам: да Го сакаш Господа, твојот Бог, и да одиш по Неговите патишта во сите денови, – тогаш кон тие три града додај уште три града, за да не се пролева невина крв во земјата твоја, што ти ја дава Господ, твојот Бог во наследство и за да не бидеш обвинет поради крв. Но ако има некој човек кој е непријател на ближниот свој и го начека, па се нафрли на него и го истепа така, што тој умре, и избега во еден од оние градови, старешините на тој град да испратат, да го земат оттаму и да го предадат во рацете на одмаздникот за крв и да умре. Да не го поштеди окото твое: очисти ја крвта на невиниот од Израел, и ќе ти биде добро.