Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 1:29-46

Повторени закони 1:29-46 MK2006

Тогаш јас ви реков: „Не ужасувајте се и не плашете се од нив; Господ, Бог ваш, оди пред вас; Тој ќе се бори за вас, исто онака, како што направи со вас во Египет, пред очите ваши. И во оваа пустина, како што ви­довте, Господ, Бог твој, те пазеше, како што човек го пази синот свој, по целиот пат по кој минавте, додека стигнавте на ова место.“ Но и покрај тоа вие не Му верувавте на Господ, вашиот Бог, Кој одеше пред вас по патот, за да ви одбере место, каде да запрете, ноќе со оган, за да ви го посочува патот по кој одите, а дење со облак. И кога Господ ги чу зборовите ва­ши, се разгневи, и се заколна, велејќи: „Никој од овие луѓе, од овој зол род, нема да ја види добрата земја, за која им се заколнав на предците нивни дека ќе им ја дадам; само Халев, Јефунеовиот син, тој ќе ја види; нему ќе му ја дадам земјата, во која влезе, и на синовите негови, зашто Му се покоруваше на Господ.“ Господ се разгневи и на мене заради вас, велејќи: „И ти нема да влезеш та­му; Исус, синот Навинов, кој е при тебе, тој ќе влезе таму; него поткрепи го, бидејќи тој ќе му ја даде на Израел во наследство; и децата ваши, за кои говоревте дека ќе станат плен на непријателите, и синовите ваши, кои засега не знаат што е добро, и што зло, тие ќе влезат таму; ним ќе им ја дадам, и тие ќе ја наследат. А вие свртете и тргнете кон пустината, по патот кон Црвеното Море.“ Вие одговоривте тогаш и ми рековте: „Згрешивме пред Господ; ќе оди­ме и ќе се бориме како што ни беше заповедал Господ, Бог наш.“ И вие го опашавте секој своето бојно оружје, па се собравте и се искачивте на планината. Но Господ ми рече – кажи им: „Не одете и не војувајте, зашто Јас нема да бидам меѓу вас, за да не бидете разбиени од непријателите ваши.“ И јас ви го кажав тоа, но вие не ме послушавте и ја престапивте Госпо­до­вата заповед и своеволно се искачивте на планината. Тогаш излегоа против вас Амо­рејците, кои живееја по таа планина, и ве прогнаа, како што прават пчелите, и ве разбиваа од Сеир дури до Хорма. Вие тогаш се вративте и почнавте да плачете пред Господ, но Господ не го чу плачот ваш и не ве послуша. И останавте во Кадис многу време: колку што бевте таму.