Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 9:1-27

Даниел 9:1-27 MK2006

Во првата година од царувањето на Дариј, синот на Ксеркс, од мидиски род, кој беше поставен за цар над ва­вилонското царство, во првата година на неговото царување, јас, Даниел, го разбрав според книгите бројот на годините според сло­вото што му го беше кажал Господ на Еремија, дека седумдесет години ќе се навршат над опустошениот Ерусалим. И го свртев лицето свое кон Господ Бог со молитва и со молба, во пост, во вреќиште и пепел. И Му се молев на Господ мојот Бог, се исповедав и Му реков: „Те молам, Господи, Боже Велики и чудесен, Кој пазиш на заветот и имаш милост за оние кои Те сакаат и кои ги пазат Твои­те заповеди! Згрешивме, вршевме беззаконија, дејствувавме нечесно, се противевме и отстапивме од Твоите заповеди и од Твоите наредби и не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа од Твое име на царевите наши и на достоинствениците наши, на татковците наши и на сиот народ од земјата. Во Тебе, Господи, има правда, а во нас – срам на лицата, како што е денес кај секој Јудеец, меѓу жителите на Еру­салим и во сиот Израел, и кај ближниот и кај далечниот, по сите краишта каде што си ги прогонил заради нивното отстапништво, со кое отстапија од Тебе. Господи, кај нас на лицата наши има срам, кај царевите наши, кај кнезовите наши и кај татковците наши, зашто згрешивме пред Тебе. А кај Господ, нашиот Бог, има ми­лосрдност и проштевање, бидејќи ние се одметнавме од Него. И не го слушавме гласот на Господ, нашиот Бог за да постапиме според Неговите закони што ни ги даваше пре­ку своите слуги – пророците. И сиот Израел го престапи Твојот закон и се одврати, не слушајќи го Тво­ј­от глас; па затоа врз нас се излеа про­к­летство и клетва, што се напишани во законот Мојсеев, слугата Божји; зашто згрешивме пред Него. И Тој ги изврши заканите Свои што ги кажа против нас и против нашите судии, кои нѐ судеа, испраќајќи против нас голема несреќа каква што немало под небесата, каква што се извршува над Ерусалим. Како што е напишано во законот Мојсеев, така нѐ постигна сето тоа зло; но не Го молевме Господа, нашиот Бог, не се обративме од беззаконијата свои за да ја разбереме Твојата вистина. Господ беше подготвен за тоа зло и го испрати врз нас; зашто праведен е Господ нашиот Бог во сите Свои дела што ги врши, но ние не го слушавме гласот Негов. И сега, Господи, Боже наш, Ти што го изведе народот Свој од земјата египетска со силна рака, Ти ја покажа славата Своја што се памети до денес; згрешивме, постапивме нечесно. Господи, по сета Твоја правда нека се одврати гневот Твој и јароста Твоја од Твојот град Ерусалим, од Светата Твоја Гора; зашто поради гревовите на­ши и поради беззаконијата на татковци­те наши Ерусалим и народот Твој е за потсмев кај сите што нѐ опкружуваат. А сега чуј ја, Боже наш, молитвата на Твојот слуга и неговото усрдно молење, па заради Тебе, Господи, по­гледај со светлото Твое лице на опусто­шеното Твое светилиште. Приклони го, Боже мој, увото Свое и послушај, отвори ги очите Свои и погледај ги нашите пустоши и градот, во кој се призива името Твое; зашто ние ги принесуваме молењата свои пред Тебе, надевајќи се не на нашата праведност, туку на Твојата голема милосрдност. Чуј Господи, Господи прости ни, Господи погледај и изврши, не колебај се поради Самиот Тебе, Боже мој, зашто името Твое се призива во Твојот град и во Твојот народ!“ Додека зборував и се молев и ги исповедав гревовите свои и гревовите на мојот народ Израел и ја принесував молбата своја пред Господ, мојот Бог, за светата гора на мојот Бог, додека ја изговарав молитвата, човекот Гаврил кого го бев видел во по­ранешното видение, долета брзо, се допре до мене во времето на вечерната жртва, ме вразуми, говореше со мене и рече: „Даниеле, сега излегов за да те научам да разбираш. Во почетокот на твоето молење се појави твојот збор и јас дојдов да ти го соопштам, зашто ти си човек сакан; па така, внеси се во зборот и разбери го видението. Седумдесетте седмици се определени за твојот народ и за светиот твој град за да биде крај на престапот, за да му се стави печат на гревот и избри­шани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да им се стави печат на виденијата и пророците и да биде помазан Светиот на светиите. И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим, до доаѓањето на Помазани­кот Божји се седум седмици. Потоа ќе биде обновен Ерусалим со улици и ѕидини, и ќе опстои шеесет и две седмици; а тоа ќе биде тешко време. И по шеесет и двете седмици Пома­заникот ќе биде предаден на смрт не­праведно а градот и светилиштето ќе бидат разрушени од народот на водачот што ќе дојде, и крајот ќе му биде како од поплава, и до крајот на војната ќе има опустошување. И во една седмица ќе склопи завет со мнозина, а во половината на седмицата ќе престанат жртвата и приносот, а на врвот од светилиштето ќе биде поставен Гнасниот Пустошник, сѐ додека предопределената пустош не го собори Пустошникот.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност