Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 6:1-9

Даниел 6:1-9 MK2006

А Дариј Мидиецот кој тогаш беше на шеесет и две години, го презеде царството. Дариј реши во своето царство да постави сто и дваесет гувернери за да бидат управители во целото царство. А над нив тројца кнезови, од кои еден беше Даниел – на кого гувернерите ќе му даваат сметка, за да не му досадуваат на царот. Даниел ги надминуваше другите кнезови и гувернери, бидејќи во него имаше висок дух, и царот веќе се мислеше да го постави над целото царство. Тогаш кнезовите и гувернерите се договорија да го обвинат Даниел во управувањето со царството, но никако не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој беше верен и не­маше никаква грешка ни вина. Но тие луѓе рекоа: „Нема да најдеме причина против Даниел, ако не најдеме против него нешто во законот на неговиот Бог.“ Тогаш тие кнезови и гувернери отидоа кај царот и му рекоа вака: „Царе Дариј, жив да си довека! Сите кнезови во царството, намесниците, гувернерите, советниците и воените началници се согласија помеѓу себе да се издаде царска наредба и да се објави заповед: секој што во текот на триесет дена ќе се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, него да го фрлат во лавовска јама. И така, утврди го царе тоа решение и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива како непроменлив закон мидиски и персиски.“