Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 6:1-28

Даниел 6:1-28 MK2006

А Дариј Мидиецот кој тогаш беше на шеесет и две години, го презеде царството. Дариј реши во своето царство да постави сто и дваесет гувернери за да бидат управители во целото царство. А над нив тројца кнезови, од кои еден беше Даниел – на кого гувернерите ќе му даваат сметка, за да не му досадуваат на царот. Даниел ги надминуваше другите кнезови и гувернери, бидејќи во него имаше висок дух, и царот веќе се мислеше да го постави над целото царство. Тогаш кнезовите и гувернерите се договорија да го обвинат Даниел во управувањето со царството, но никако не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој беше верен и не­маше никаква грешка ни вина. Но тие луѓе рекоа: „Нема да најдеме причина против Даниел, ако не најдеме против него нешто во законот на неговиот Бог.“ Тогаш тие кнезови и гувернери отидоа кај царот и му рекоа вака: „Царе Дариј, жив да си довека! Сите кнезови во царството, намесниците, гувернерите, советниците и воените началници се согласија помеѓу себе да се издаде царска наредба и да се објави заповед: секој што во текот на триесет дена ќе се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, него да го фрлат во лавовска јама. И така, утврди го царе тоа решение и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива како непроменлив закон мидиски и персиски.“ Царот Дариј го потпиша решението и заповедта. А Даниел, штом разбра дека е пот­пишана таква повелба, отиде во домот свој. Прозорците на неговата дворна соба му беа отворени кон Ерусалим, тој трипати во текот на денот ги приклонуваше колената свои и Му се молеше на својот Бог и Го славеше, како што го правеше тоа и порано. Тогаш тие луѓе, демнејќи го, го најдоа Даниел дека се моли и Го призовува својот Бог; потоа отидоа и му кажаа на царот за царската заповед: „Нели ти потпиша повелба дека секој човек, кој во текот на триесет дена ќе му се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, да биде фрлен во лавовска јама?“ Царот одговори и рече: „Тој збор е цврст како и законот на Мидијците и Персијците, што не допушта измени.“ Тогаш тие одговорија и му рекоа на царот: „Даниел, кој е од заробените синови од Јудеја, не обрнува внимание ни на тебе, царе, ниту на повелбата што си ја потпишал, туку по трипати на ден се моли со свои молитви.“ Царот кога го чу тоа, многу се за­грижи и си стави при срце да го спаси Даниел и дури до зајдисонце многу размислуваше како да го избави. Но оние луѓе дојдоа кај царот и му рекоа: „Царе, ти знаеш дека според законот на Мидијците и Персијците ни­едно решение или заповед, потврдено од царот не може да се измени.“ Тогаш царот заповеда, и го доведоа Даниел, па го фрлија во лавовската јама; па царот му рече на Даниел: „Твојот Бог, Кому без престан Му слу­жиш, Тој нека те избави!“ Па донесоа камен, го ставија врз отворот на јамата, и царот го запечати со својот прстен и со прстењата на ве­ликодостојниците свои, за да не се изме­ни ништо по однос на Даниел. Потоа царот си отиде во својот двор, легна да спие без вечера, па дури и порача да не му доаѓаат конкубините, но сонот бегаше од него. А утредента царот стана во зори и брзо се упати кон лавовската јама; и кога се приближи до јамата, со нажален глас го повика Даниел и му рече: „Даниеле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му слу­жиш, можеше ли да те избави од лаво­вите?“ Тогаш Даниел му одговори на царот: „Царе, да си жив довека! Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, зашто јас излегов пред Него чист, па и пред тебе, царе, не сум извршил никаков престап.“ Тогаш царот многу се зарадува за Даниел и заповеда да го извадат од јамата; го извадија Даниел од јамата, и никаква повреда не се забележа на него, зашто тој веруваше во својот Бог. Царот заповеда, па ги доведоа оние луѓе, што го беа обвиниле Даниел, и ги фрли во лавовската јама, како нив самите, така и децата нивни и жените нивни и уште не беа стигнале до дното на јамата, лавовите ги беа зграбиле и им ги беа здробиле сите нивни коски. Потоа царот Дариј им напиша на сите народи, племиња и јазици кои живееја по целата земја: „Мирот да ви се умножи! Издавам повелба во секоја област на царството мое да треперат и да се плашат пред Даниеловиот Бог, зашто Тој е Бог жив и вечно живее, а царството Негово е непобедливо, и Неговото владение е бескрајно. Тој избавува и спасува, прави чуде­са и знаци по небото и земјата; Тој го избави Даниел од шепите на лавовите.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност