Одговорија Седрах, Мисах и Авденаго и му рекоа на царот Навуходоносор: „Нема потреба да ти одговориме на тоа. Нашиот Бог, Кому Му служиме, е силен да нѐ спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе ќе нѐ избави. Ако пак и не се случи тоа, извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил, нема да му се поклониме.“ Тогаш царот Навуходоносор се исполни со јарост и лицето негово се намурти против Седрах, Мисах и Авденаго, па заповеда да запалат печка седумпати посилна отколку што обично ја угоруваа; и им заповеда на најсилните луѓе од војската своја да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во вжарената печка. Тогаш тие луѓе беа врзани облечени во своите облеки, со капи на главата и со другите алишта и беа фрлени во печката огнена што гореше. Бидејќи царската заповед беше строга, и печката вжарена необично многу, пламенот од огнот ги умртви луѓето што ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. А тројцата – Седрах, Мисах и Авденаго – паднаа во вжарената печка врзани. Одеднаш, царот Навуходоносор се стаписа, се крена на нозе и им рече на големците свои: „Нели беа тројца врзани што ги фрливме во огнот?“ Тие му одговорија на царот: „Навистина така беше, царе!“ На тоа тој рече: „Еве јас гледам четворица, како одат неврзани среде огнот и ништо не им се случува; и четвртиот личи на ангел.“ Тогаш Навуходоносор се приближи до отворот на распалената печка со оган и рече: „Седраху, Мисаху и Авденаго, слуги на севишниот Бог, излезете и дојдете.“ Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот, и штом се собраа локалните управители, намесниците, воените началници и советниците на царот, видоа дека огнот немал никаква сила врз телата на тие луѓе, дури и косата на главата не им беше опржена, а и облеките нивни не им беа изгорени, па дури и мирис на изгорено немаше на нив. Тогаш Навуходоносор рече: „Нека е благословен Бог на Седрах, Мисах и Авденаго, Кој го испрати Својот ангел и ги избави слугите Свои што се надеваа на Него и не ја послушаа царската заповед, па ги предадоа телата свои на огнот за да не служат и да не се поклонат на друг бог, освен на својот Бог!