Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 2:27-45

Даниел 2:27-45 MK2006

Даниел му одговори на царот и рече: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓесниците, ни јасновидците, ни гледачите. Но на небесата има Бог, Кој открива тајни; и Тој ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне во последните денови. Ти царе, на леглото свое размислуваше за она што ќе се случи во иднина, и Оној Кој открива тајни, ти покажа што ќе се случи. А мене таа тајна ми се откри не затоа што сум помудар од сите живи, туку за да му биде откриена на царот смислата, и за да ги разбереш мислите што ти дојдоа во срцето. Твоето видение, царе, беше вакво; ете, некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и изгледот му беше страшен. Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од среб­ро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни. Потколениците железни, а нозете делумно железни, делумно глинени. Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината сам, удри во идо­лот, во неговите железно – глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно сѐ се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни це­лата земја. Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој. Ти царе, цар над царевите, кому небесниот Бог му подарил царства, власт сила и слава, и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив, – ти си таа златна глава. По тебе ќе се крене друго царство, послабо од твоето, а и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја. А четвртото царство ќе биде цврсто како железо; зашто како што железото троши и дроби сѐ, така и тоа ќе дроби и ќе уништува. А тоа што си ги видел – нозете и прстите на нозете направени делумно од грнчарска глина и делумно од же­лезо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел желе­зо, измешано со грнчарска глина. И како што прстите на нозете беа делумно од железо, а делумно од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо. А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа зна­чи дека царевите на тоа царство ќе се обидат да се соединат преку мешани бракови меѓу себе, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не се меша со глината. И во деновите на тие царства не­бесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно. Како што виде еден камен сам падна од планината и го раздроби железото, бакарот, глината, среброто и златото. Великиот Бог му даде на царот да разбере што ќе се случи во иднина. И верен е тој сон и точно е неговото толкување!“