Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 10:1-14

Даниел 10:1-14 MK2006

Во третата година на персискиот цар Кир дојде откровение до Даниел, кој се викаше Валтазар, и вистинско беше тоа откровение и со голема сила. Тој го разбра тоа откровение и го објасни тоа видение. Во тие дни јас, Даниел, тагував цели три седмици. Богата храна не јадев; месо и вино не влезе во устата моја, и не се мачкав со масла додека не завршија трите седмици. А во дваесет и четвртиот ден од првиот месец, се најдов покрај брегот на големата река Тигар; ги кренав очите угоре и видов: ете еден човек, облечен во ленена облека, а крстот му беше препашан со офирско злато. Телото негово изгледаше како топаз, лицето – како светкавица – очите му беа како запалени светила, рацете негови и нозете негови изгледаа како сјаен бакар и гласот на зборовите него­ви како глас на многу луѓе. И само јас, Даниел, го видов тоа видение, а луѓето што беа со мене не го видоа тоа видение; но страв голем ги обзеде, и тие избегаа за да се сокријат. Останав сам и го гледав тоа големо видение, но во мене не остана сила и лицето ми пребледе многу, не остана во мене бодрост. И го чув гласот на зборовите негови; и штом го чув гласот на зборовите него­ви, ненајдено паднав во несвест и лежев со лицето кон земјата. Но ете, рака една се допре до мене и ме исправи на колената мои и на дланките од рацете мои. Па ми рече тој: „Даниеле, сакан чо­веку, задлабочи се во зборовите што ќе ти ги кажам, и исправи се на нозете свои, зашто кај тебе сум денеска испра­тен.“ Штом ми ги кажа тие зборови, јас станав растреперен. Но тој ми рече: „Не бој се Даниеле! Од првиот ден кога го управи срцето свое за да постигнеш разбирање и да се понизиш пред твојот Бог, зборовите твои беа услишени, и јас сакав да дојдам според зборовите твои. Но кнезот на персиското царство ми се противеше дваесет и еден ден; но Михаил, еден од првите кнезови, дојде да ми помогне зашто јас бев таму сам, кај персискиот цар. А сега дојдов да ти соопштам, што ќе се случи со твојот народ во последните времиња, зашто видението се однесува за далечни дни.“