А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле настојуваше да им се придружи на учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа дека тој навистина е ученик. Варнава, пак, го зеде и го одведе кај апостолите, па им раскажа како Савле по патот Го видел Господа, дека Господ му зборувал, а исто така и дека во Дамаск отворено го проповедал името на Исус. И оттогаш тој остана со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и смело говореше во името на Господ. А зборуваше и се препираше исто така и со елинизираните Јудејци, кои се обидуваа да го убијат. Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Кесарија, од каде го испратија во Тарс. А црквата по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беше во мир, се изградуваше и живееше во страхопочит кон Господ, и растеше со утехата на Светиот Дух.
Петар откако ги обиколи сите, слезе и кај светиите што живееја во Лида. Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, зашто бил неподвижен. И Петар му рече: „Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и направи си ја постелата сам!“ И тој веднаш стана. И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обратија кон Господ.
Во Јопија имаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше. И токму во тоа време таа се разболе и умре. Тогаш ја измија и ја положија во горната одаја. А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците штом слушнаа дека е Петар таму, веднаш испратија двајца луѓе кај него, молејќи го да дојде до нив што побргу. Петар стана и тргна кај нив. Кога пристигна, го одведоа во горната одаја. И дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките што ги беше правела Срна додека живееше со нив. Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ И таа ги отвори очите свои, го погледна Петар и седна. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна. Тогаш ги повика светиите и вдовиците и им ја предаде жива. И ова се разгласи по цела Јопија, и мнозина поверуваа во Господ. А Петар престојуваше долго време во Јопија кај некој си кожар Симон.