Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 8:1-25

Дела 8:1-25 MK2006

Савле, пак, го одобруваше неговото убиство. Во тој ден започна голем прогон на Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по пределите на Јудеја и Самарија. А Стефан го погребаа побожни луѓе и приредија голема посмртна жалост. Савле, пак, ја пустошеше Црквата, одеше по куќите и извлекуваше мажи и жени, па ги предаваше во затвор. Тие што се беа распрснале, сега одеа наоколу благовестувајќи го словото. Така Филип слезе во еден самарјан­ски град и таму им Го проповедаше Христос. Народот еднодушно внимаваше на тоа што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги правеше тој; зашто нечисти духови со голем вик излегуваа од оние во кои се наоѓаа, и мнозина неподвижни и сакати оздравуваа. И голема радост настана во тој град. А во градот имаше еден човек по име Симон. Тој правеше магии и со тоа го вчудовидуваше народот од Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек. Него го слушаа сите, од најмал до најголем, и велеа: „Овој е силата Божја, наречена Голема.“ А го слушаа внимателно, затоа што подолго време ги беше восхитувал со своите магии. Но кога му поверуваа на Филип, кој го проповедаше Евангелието за цар­ството Божјо и за името на Исус Хрис­тос, почнаа да се крштаваат мажи и же­ни. Тогаш поверува и самиот Симон, и откако се крсти, постојано го при­дру­жуваше Филип; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше. Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован. Тие, штом слегоа, се помолија за нив за да го примат Духот Свети. Зашто сѐ уште не беше слегол ниту на еден од нив, а само беа крстени во името на Господ Исус. Тогаш апостолите положија над нив раце и тие Го примија Светиот Дух. А Симон, кога виде дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари, и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого и да ги положам ра­цете, да Го прими Духот Свети!“ Но Петар му рече: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто по­мисли дека дарот Божји може да се стекне со пари. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога. Туку покај се за оваа зла намера и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое; бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие.“ А Симон одговори: „Помолете Му се за мене на Господ вие, да не ме стиг­не ништо од она што рековте.“ И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го патем Еван­гелието во многу села самарјански.