Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 5:12-42

Дела 5:12-42 MK2006

Преку рацете на апостолите се по­јавуваа знаци и се случуваа многу чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во тремот Соломонов. Од другите, пак, никој не се осмелуваше да им се придружи, а сепак, народот ги возвеличуваше. И сѐ повеќе се зголемуваше бројот на оние што веруваа во Господ, мнош­тво од мажи и жени, така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив. А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи бол­ни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа. Тогаш првосвештеникот и сите што беа со него, приврзаници на садукеите, станаа и се исполнија со завист, и ги кренаа рацете свои на апостолите и ги ставија во јавниот затвор. Но преку ноќта ангел Господов ја отвори вратата од затворот, и, откако ги изнесе, им рече: „Одете, застанете во храмот и ка­жувајте му ги на народот сите зборови за овој живот!“ Штом го слушнаа тоа, апостолите влегоа утрината во храмот и почнаа да поучуваат. А првосвештеникот и не­го­вите приврзаници кога дојдоа, го свикаа Синедрионот и сите старешини меѓу Израеловите синови и пратија во зат­во­рот луѓе да ги доведат апостолите. Но кога слугите отидоа, не ги најдоа, па, штом се вратија, изјавија, велејќи: „Затворот го најдовме зак­лучен како што треба и стражата сто­еше надвор пред портата. А кога отво­ривме, внатре никого не најдовме.“ Штом ги слушнаа овие зборови, храмскиот заповедник и прво­свеш­те­ни­ците збунети размислуваа што би требало да значи тоа. Но некој дојде, ги извести и им ре­че: „Ене, луѓето што ги затворивте, стојат во храмот и го поучуваат народот.“ Тогаш храмскиот заповедник отиде заедно со слугите и ги доведе, но не на сила; зашто се плашеа од народот со ка­мења да не ги убијат нив самите. А кога ги доведоа, ги изведоа пред Синедрионот и првосвештеникот, пра­шувајќи ги, рече: „Зарем не ви забранивме строго да не поучувате во тоа име? А вие пак го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сакате крвта на Оној човек да ја фрлите на нас.“ А Петар и апостолите одговорија и рекоа: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето. Бог на татковците наши Го воскресна Исус, Кого вие Го погубивте, при­ковувајќи Го на крст. Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел. За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се покоруваат.“ Кога го слушнаа тоа, тие се разлутија и мислеа да ги убијат. Но во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител на Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор, а ним им рече: „Луѓе Израелци, раз­мислете добро што ќе правите со овие луѓе! Зашто, пред извесно време се крена Тевда, кој зборуваше за себеси дека е тој голем човек, и му се придружија че­тиристотини мажи; тој беше убиен, и сите што му поверуваа, се разотидоа и исчезнаа. По него, во време на пописот, се крена Јуда Галилеецот и повлече по се­бе доста народ; но и тој загина и сите што го следеа се растурија. И сега ви велам – оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не ста­нете борци против Бога!“ Тие го по­слу­шаа, и откако ги повикаа апостолите, ги натепаа и им заповедаа да не зборуваат во името на Исус, па ги пуштија. А тие излегоа од Синедрионот ра­досни, зашто беа удостоени да поднесат измачувања за името на Господ Исус. И секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да бла­го­вес­тат дека Исус е Христос.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност