Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 25:13-27

Дела 25:13-27 MK2006

А откако минаа неколку дена, ца­рот Агрипа и Верникиј слегнаа во Ке­сарија за да го поздрават Фест. И бидејќи таму останаа повеќе де­нови, Фест му рече на царот за Павле, ве­лејќи: „Феликс остави еден човек во затворот. Кога бев во Ерусалим, за него излегоа првосвештениците и старешините јудејски и ме молеа да го осудам. Јас одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се осудува на смрт пред обвинетиот да се соочи со об­винителите и да му се дозволи да се бра­ни од обвинувањето. И кога се собраа овде, на другиот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот; и кога застанаа околу него об­ви­ни­телите, не изнесоа никакво обвинение против него, како што претполагав; туку против него имаа некакви пре­пирки околу нивното верување и за не­кој си Исус, Кој умрел и за Кого Павле вели дека е жив. А јас, не знаејќи што да правам со овој, го прашав дали сака да оди во Ерусалим и таму да биде суден. Но, бидејќи Павле побара да биде чуван до судската одлука на неговото височество, заповедав да го држат под стража, додека го пратам кај царот.“ Тогаш Агрипа му рече на Фест: „Би сакал и јас да го сослушам тој човек.“ А тој одговори: „Утре ќе го сослушаш.“ Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со голем сјај и влегоа во судница­та заедно со војводите и најугледните граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павле. Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте со нас овде! Го гледате овој, за кого целото мнозинство Јудејци дојдоа кај мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да жи­вее. Но јас, кога разбрав дека тој не на­правил ништо достојно за смрт, и би­дејќи тој сам се повика на неговото ви­сочество, решив да го пратам кај него. За него, пак, немав поправо што да му напишам на господарот; затоа го из­ведов пред вас, и особено пред тебе, ца­ре Агрипа, за да можам, откако ќе се сврши испитувањето, нешто да напи­шам. Зашто, бесмислено е, ми се чини, да пратам затвореник, а вината негова да не ја соопштам.“