Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 25:1-27

Дела 25:1-27 MK2006

А Фест, откако по три дена прими власт, излезе од Кесарија и дојде во Ерусалим. Тогаш првосвештеникот и ста­ре­ши­ните јудејски му се пожалија против Павле, и го молеа, барајќи милост за себе против него, да го прати во Ерусалим, и редеа заседа за да го убијат патем. Но Фест одговори дека Павле се чу­ва под стража во Кесарија, а и дека тој сам скоро ќе отпатува таму. „Кои, пак, од вас, можат, нека дојдат со мене, и ако има некаква вина на овој човек, тогаш нека го обвинат.“ И откако беше кај нив, не повеќе од десет дена, слезе во Кесарија, и утредента седна на судскиот стол и заповеда да го доведат Павле. А кога го доведоа, Јудејците што беа дошле од Ерусалим, застанаа наоколу, и многу тешки обвиненија изнесуваа против Павле, кои не можеа да ги дока­жат. А тој, бранејќи се, рече: „Со ништо не се огрешив ни против Законот јудеј­ски, ни против храмот, ниту, пак, против царот.“ Но Фест, сакајќи да им угоди на Ју­дејците, му одговори на Павле и рече: „Сакаш ли да одиш горе во Ерусалим и таму да ти се суди за тоа од мене?“ А Павле одговори: „Стојам пред царевиот суд, каде што треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш. Зашто, ако сум виновен и сум на­правил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам; но, ако од сето тоа во што ме обвинуваат тие нема ништо, тогаш никој не може да ме пре­даде на нив. Се повикувам на царот.“ Тогаш Фест, откако се посоветува со Советот, одговори: „Се повика на царот, – рече, – кај царот ќе појдеш.“ А откако минаа неколку дена, ца­рот Агрипа и Верникиј слегнаа во Ке­сарија за да го поздрават Фест. И бидејќи таму останаа повеќе де­нови, Фест му рече на царот за Павле, ве­лејќи: „Феликс остави еден човек во затворот. Кога бев во Ерусалим, за него излегоа првосвештениците и старешините јудејски и ме молеа да го осудам. Јас одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се осудува на смрт пред обвинетиот да се соочи со об­винителите и да му се дозволи да се бра­ни од обвинувањето. И кога се собраа овде, на другиот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот; и кога застанаа околу него об­ви­ни­телите, не изнесоа никакво обвинение против него, како што претполагав; туку против него имаа некакви пре­пирки околу нивното верување и за не­кој си Исус, Кој умрел и за Кого Павле вели дека е жив. А јас, не знаејќи што да правам со овој, го прашав дали сака да оди во Ерусалим и таму да биде суден. Но, бидејќи Павле побара да биде чуван до судската одлука на неговото височество, заповедав да го држат под стража, додека го пратам кај царот.“ Тогаш Агрипа му рече на Фест: „Би сакал и јас да го сослушам тој човек.“ А тој одговори: „Утре ќе го сослушаш.“ Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со голем сјај и влегоа во судница­та заедно со војводите и најугледните граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павле. Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте со нас овде! Го гледате овој, за кого целото мнозинство Јудејци дојдоа кај мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да жи­вее. Но јас, кога разбрав дека тој не на­правил ништо достојно за смрт, и би­дејќи тој сам се повика на неговото ви­сочество, решив да го пратам кај него. За него, пак, немав поправо што да му напишам на господарот; затоа го из­ведов пред вас, и особено пред тебе, ца­ре Агрипа, за да можам, откако ќе се сврши испитувањето, нешто да напи­шам. Зашто, бесмислено е, ми се чини, да пратам затвореник, а вината негова да не ја соопштам.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност